Новата генерација на возила е веќе пред нас, но главната пречка за преминување кон нив е цената. Неодамнешниот извештај на „Bloomberg New Energy Finance“ (БНЕФ) сугерира дека овој тренд ќе се промени за пет до седум години, пишува „Јутарњи лист“.
„Пресвртната точка најверојатно ќе биде 2027 година“, соопштиле од БНЕФ. Автомобилската индустрија го следи трендот на преминување кон електрични и хибридни модели, со цел да се стават просечните емисии под нормите утврдени од Европската унија – 95 грама јаглерод диоксид на километар.
Иако ова не мора да значи дека сите електрични возила ќе бидат релативно поволни – сето тоа ќе зависи од видот и моделот. Првите електрични возила чиишто трошоци за производство ќе бидат изедначени или намалени во однос на автомобилите со мотори со внатрешно согорување се лесни комерцијални возила како комбиња, а изедначувањето се очекува во 2025 година.
„Следниот на ред е сегментот на лимузина и џипови, најавен за во 2026 година, а малите градски автомобили ќе мора да почекаат до 2027 година“, се вели во студијата нарачана од европската кампања „Транспорт и животна средина“.
„Електричните возила ќе бидат реалност за сите нови купувачи во рок од шест години. Тие ќе бидат поевтини за сите, од возила со мотори со внатрешно согорување, од човек со комбе во Берлин, па се до семејство што живее во романско село“, рече Јулија Полисканова, директорка за возила и електронска мобилност „Транспорт и животна средина“.
Електричните автомобили ќе станат поевтини дури и без оглед на субвенциите, како резултат на падот на цените на батериите и употребата на производните линии. Се очекува дека една електрична лимузина, која денес чини околу 40.000 евра, ќе биде достапна за дури двојно помалку во 2026 година, како онаа со мотор со внатрешно согорување.
Покрај цените, извештајот се занимава и со продажни акции. Се очекува дека до 2030 година, електричните автомобили ќе претставуваат 50 проценти од вкупната продажба на нови автомобили, а само пет години подоцна, дури 85 проценти.
Сепак, тие 85 проценти би можеле да пораснат на 100 проценти, „во зависност од тоа дали пратениците дополнително ќе ги зголемат нормите во однос на емисиите на јаглерод диоксид и ќе ги зајакнат другите политики за поттикнување на набавката на електрични возила“, се наведува од „Транспорт и животна средина“.