Партиите на Албанците од опозицискиот блок Беса, Алтернатива, Демократско движење повторно преку свои пратеници ја потсетија власта дека ќе го условуваат гласањето на уставните измени. Ова доаѓа по пораката дека на лидерот на БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами дека се додека не се внесе промената на формулацијата од 20 отсто јазикот што го зборуваат граѓаните во албански јазик, нема да има поддршка за промена на Уставот и внесување на Бугарите.
Сепак ваквиот услов на партијата не е ништо ново. БЕСА веќе претходно не учествуваше во работната група која ги подготви амандманите за уставни измени. Останува прашањето дали ваквиот став на партијата, но и здружената албанска позиција ќе значи крај за продолжување на европскиот пат на земјата, барем во овој пратенички состав? Новинарот и политички аналитичар Зоран Бојаровски во разговор за „Локално“ вели дека ако навистина БЕСА не гласа за уставните измени од причините што ги наведува Касами, ќе направи „предавство“ на интересите на Албанците во Македонија кои во огромно мнозинство се „за“ уставни промени и за продолжување на преговорите за членство во ЕУ.
-Граѓаните Албанци нема да му простат што со тоа ќе ги стави партиските за сметка на државните интереси, кои во овој случај се и првенствен интерес на неговите сограѓани. Дали е крај за обидот за уставни измени, ќе видиме. Праксата покажува дека кај нас изненадувањата не се неможни и секогаш доаѓаат во последната минута, смета Бојаровски.
За тоа дали ова е потег во договор со ВМРО-ДПМНЕ, Бојаровски истакнува дека нема такво позначајно мнозинство Албанци кои ќе прифатат коалиција на партија на Албанците со ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ кај Албанците се препознава како анти-албанска партија и Касами само „ќе си пука во нога“ ако го направи тоа, порачува соговорникот.
Според него, Касами со ваквиот наратив не може да придобие гласачи на следните парламентарни избори.
-Во оваа зовриена атмосфера заради процесите на Косово, националстичките партии, склони кон екстремно решавање на предизвиците, не се партнери за соработка, ниту партнери на кои граѓаните им веруваат, наведува Бојаровски.
Оценува дека западните партнери гледаат на ваквите условувања како на анти-ЕУ политика.
-Редовна порака на нашите меѓународни партнери ЕУ и САД редовно ни порачуваат дека сега не е време за ситнопартиски или тесно етнички или националистички блокади. Тие редовно се оценуваат како анти-европски, заклучува Бојаровски.
Од друга страна, новинарот и публицист со долгогодишно искуство, Ерол Ризаов смета дека би било добро да се тргне формулацијата од „20 отсто“, но тоа да се однесува подеднакво за сите етнички заедници. Во кратка изјава за „Локално“ истакнува дека не треба да биде само за Албанците и Македонците и да се означува бинационална држава само на два национални идентитети.
-Тоа би бил значаен чекор кон целосно граѓански устав и целосно граѓанска држава со еднакви права на сите граѓани и ќе нема потреба во тој случај сите 11 национални припадности на делови од народи да се набројуваат во Уставот, додава Ризаов.
Меѓу првите кои го изнесоа барањето на албанските партии, покрај Беса, беше и Алијанса за Албанците, додека беа во опозиција. Тогаш од партијата на Арбен Таравари кажаа дека ова барање не е поврзано со дневната политика, туку, според нив, тоа е навредлива дефиниција на албанскиот јазик.
Формулацијата „20 проценти“ во Уставот беше додадена по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор за ставање крај на конфликтот во 2001 година, со што беше прифатено дека низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот, но и било кој друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од населението.
До овие барања доаѓа во време кога Владата се обидува да добие подршка од 81 пратеник за двотретинскo мнозинство кое е потребно за најавените уставни измени за внесување на Бугарите во ЕУ. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите со ЕУ по поглавја.
Н.П.