До крајот на октомври на Косово нема да има српски регистарски таблички?

од Nikola Popovski
219 прегледи

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, смета дека до крајот на октомври нема да има повеќе нелегални српски регистарски таблички на Косово и дека не очекува нови ескалации на северот на Косово на крајот на месецот, но дека можно е да се очекува отпор.

„На крајот на овој месец верувам дека повеќе нема да имаме диви таблички и ќе преминеме на решавање на други проблеми. Тоа не е единствениот проблем што го имаме ниту како Косово, ниту во однос на Србија“, рече Свечља во интервју за A2CNN во Албанија, објавено од Газета експрес, пренесува Косев.

Тој исто така тврди дека не треба да има нов договор за регистерските таблички, бидејќи договорот веќе постои и треба само да се спроведе.

„Ние веќе имаме договор, но Србија не дозволува негово спроведување. Не верувам дека ќе има потреба од политички, технички и имплементарен договор, што е пристапот што го сака Србија“, рече Свечља.

Тој додаде дека не очекува нови ескалации на северот на Косово на 31 октомври и потсети на неодамнешните изјави на странските мисии дека се подготвени да ја одржат безбедноста и стабилноста.

„Нема индикации дека може да има екстремна неволја. Можеби повремен отпор во смисла на одбивање да се сменат регистарските таблички од нелегални во легални, но не верувам дека може да има ескалација“, рече Свечља.

Тој посочи дека српските регистерски таблички на градовите во Косово претставуваат само тешкотија за Србите, бидејќи не можат да возат јужно од Ибар и тврди дека граѓаните се подготвени за пререгистрација, но дека има „страшен притисок од структурата на Александар Вучиќ“.

На две недели пред истекот на рокот за пререгистрација, малкумина Срби тоа го направија, што неодамна го истакна и американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер, кој рече дека е неопходно тој рок да се продолжи, но дека тоа зависи од косовските власти.

Претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак минатата недела разговараше за регистерските таблички со претставниците на Приштина, а денеска во Белград со претседателот на Србија и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија.

Фото: KoSSev