Инвеститорот има време до петок да ја урне нелегалната градба која до вчера се градеше на местото на изгореното кафуле „Фонтана“ кај трговскиот центар „Мавровка“.
Одлуката за отстранување на објектот му е доставена на инвеститорот. Истата е објавена во Службен весник и од 24-ти месецов ќе почне да тече рокот од 8 дена во кој тој сам ќе треба да го сруши објектот. Доколку не постапи така Општина Чаир ќе побара асистенција од МВР и ќе пристапи кон уривање на дивоградбата.
Од oпштина Чаир, соопштиле дека одлуката за уривање на објектот е донесена порано, меѓутоа сé уште ниеден инвеститор нема преземено одговорност за овие градби. На овој начин, како што велат, општината наишла на непознат сопственик и ова ги одолговлекува постапките за уривање на објектот.
Освен што треба да го урне незаконскиот објект, инвеститорот се соочува и со кривична одговорност, откако МВР за своите сознанија го известило скопското обвинителство кое треба да одлучи дали ќе отвори предмет.
„Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во врска со нелегалните градежни активности во реонот на ТЦ Мавровка преземеа соодветни мерки и активности за утврдување постоење на елементи на кривично дело што се гони по службена должност по чл. 244 – Бесправно градење“, соопштуваат од МВР.