Министерството за правда засега не соопштува кои независни експерти и членови и претставници на политичките партии би биле дел од работната група која ќе треба да ги подготви амандманите за уставните измени. Од ресорот правда за „Локално“ соопштија дека испратени се писмени дописи до сите парламентарни партии и до експерти.
-Во изминативе два дена до Министерството за правда пристигнуваат предлози за членови во работната група за уставни измени. Рокот за номинација истекува на 10 април, велат од МП.
Обелоденуваат дека имињата на предложените членови од партиите и на експертите ќе бидат соопштени по истекот на рокот, а очекувањата се дека работната група ќе започне со работа во средината на месецов.
Од имињата кои беа лиферувани во јавноста како дел од работната група беше и поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска. Таа во краток разговор за „Локално“ не демантираше, ниту потврди дали ќе биде дел од дебатата.
-Јас веќе дадов изјава дека се водени прелиминарни разговори, а за составот на оваа евентуална експертска комисија и нејзината активност одговор треба да даде Министерството за правда, ни рече Николовска.
Што се однесува до партиите кои би учествувале или не, засега од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека се против, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен. Од партијата бараат власта да се изјасни дали е за хрватскиот модел, според кој „Република Македонија ќе се дефинира како држава на македонскиот народ и на малцинствата“.
Со став се јавија и од Социјалистичката партија на Македонија, од каде што исто така одбија да бидат дел од работната група.
-Социјалистичката партија на Македонија нема да партиципира во работната група на власта која нема мандат ниту легитимет за вакви уставни промени. Таа треба да се формира дури откако ќе се изгласа потребата за промена на Устав во Собрание, со потребното двотретинско мнозинство, соопштија од СПМ.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ги повика политичките партии да номинираат свои претставници во работната група за уставни измени и ги охрабри да не се плашат.
-Бидејќи и јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение, најдобро решение и да изградиме еден македонски модел за вградување на овие три заедници кои се заинтересирано да влезат во преамбулата на Уставот, рече Маричиќ на прес-конференција.
Н.П.