“Националниот фронт” остана втор на локалните избори во Франција. На прв поглед ова е историски успех, но во реалноста става кочница на претензиите на Марин Ле Пен претседателското место. Коментар на А. Нол.

По завршувањето на гласањето синоќа Марин Ле Пен избрзано изјави: “Националниот фронт е прва партија во Франција!” Партијата, која на времето тргна како обединител на протестното гласање, уште по изборите за Европскиот парламент соопшти дека се претворила во масовна партија. Сепак во текот на пребројувањето на гласовите ноќеска Марин Ле Пен со чкртање на заби беше принудена да признае дека конзервативците на Никола Саркози сепак добиваат значително подобри резултати од “Националниот фронт”. Наместо да ја крева очекуваната здравица како победничка, на Ле Пен не и остана ништо друго освен ритуално да побара оставка на левата влада.
Во последната година “Национален фронт” извојува неколку победи, па второто место на локалните избори вчера е тешко разочарување. Точно, ултрадесните беа свесни дека на вториот круг следната недела нема да добијат многу територијални единици, бидејќи правилата на пропорционални избори не се поволни за нив.
Но разочарување е разочарување, иако поразот на Фронтот е ништо во споредба со вистинската катастрофа која ја претрпеа владејачките социјалисти и нивниот премиер, кој се нгажираше лично во предизборната борба. Мануел Валц не успеа да ги спречи предвидувањата од анкетите за неуспех на владејачката партија. А услови за тоа имаше.
Пред само неколку недели претседателот Оланд и премиерот Валц се радуваа на широка јавна поддршка заради точните дејствија во одговор на исламскиот терор. Потоа сепак тие се обидоа да го демонизираат “Националниот фронт”, а Валц дури и изјави дека Франција ризикува да биде поделена на две. Овие пораки не најдоа одек меѓу гласачите. Токму спротивното.
Социјалистите сами пропаднаа
Очигледно многу гласачи се убедени дека можат да ја казнат владата единствено ако гласаат за Ле Пен. Да ја казнат не само поради катастрофалната реалноста на пазарот на трудот, но и заради трагичната состојба во која се наоѓаат самите социјалисти, поделени, од внатрешни поделби. Всушност на крајот избирачите сметаат дека Владата не си ја врши добро работата – и тоа е доволна причина за да ја казнат.
Еден од примерите за неуспех е поврзан со неостварена реформа на локалните структури на власта. Владата прогласи дека до 2021 година планира да ги затвори департментот настанати уште во Наполеоново време, и да ги пренесе надлежностите кон поголемите региони. Ова требаше да стави крај на деценискиот спор за распределбата на надлежностите меѓу државните структури и да му донесе на кабинетот многу пофалби од експерите и од бизнисот.
Само што социјалистичкото мнозинство во парламентот пред неколку дена одлучи токму спротивното: департментот се задржува и дури добива повеќе надлежности. Во кои области? На ова прашање социјалистите не беа во состојба да одговорат навреме. На крајот, сè се претвори во вистинска предизборна фарса, која уште еднаш покажа дека социјалистите не се во можност да спроведуваат реформи.
За Марин Ле Пен активностите на социјалистите беа директно дар Божји, кој дополнително и го крена рејтингот пред изборите. Зашто инаку омилените теми на “Националниот фронт” – емигрантите, ЕУ и економската политика – од разбирливи причини не ја заврши работата за време на локалните избори. Но и надвор од тоа луѓето на Ле Пен беа вложиле многу напор во кампањата. Колку и да е парадоксално, токму оваа екстремно десничарска партија успеа , да го исполни во поголема мера од самите социјалисти, правниот услов да кандидира во секој предел по двата кандидати – маж и жена.
Марин Ле Пен – претседател? Чиста паника !
Точно дека “Национален фронт” на овие избори освои нови позиции во француските покраини, а Марин Ле Пен успеа да се етаблира како фактор и надвор од големите градови. Но и покрај тоа предупредувањето на премиерот дека таа еден ден може да стане и претседател на земјата, е чиста паника. За сите е јасно дека “Национален фронт” нема потенцијал за повеќе. Колку и да се лути Французите кога прашањето за тоа кој да влезе во Елисејската палата, мнозинството гласачи сепак ќе пројават здрав разум. Повеќето Французи никогаш нема да ги заборават изконските вредности на републиката или да влезат во конфликт со европските соседи.
Независно од тоа Марин Ле Пен и понатаму ќе продолжи да ги наметнува своите теми, вклучително и на умерените француски гласачи. Такви изјави имаше и лидерот на конзервативците Саркози, кој веќе зборуваше за забрана на шамиите на универзитетите и за асимилација, а не за интеграција, на луѓето со задгранично потекло. Значи стекнатите позиции на “Националниот фронт” дефинитивно ќе имаат влијание врз претседателските избори во 2017 година. На сегашните локални избори кандидатите на “Националниот фронт” сигурно ќе го изгубат вториот круг, но на претседателските избори во 2017 Марин Ле Пен веројатно може да дојде до второто место по Саркози. А за социјалистите тоа ќе биде еднакво на смртна казна.
