BMW го претстави освежениот XM за моделската 2026 година и направи еден пресек со него. Основната верзија оди во историјата, останува само врвот од понудата – моќната XM Label. Ова значи дека сите идни модели ќе доаѓаат со брутален plug-in хибриден погон кој комбинира 4,4-литарски битурбо V8, електричен мотор и батерија од 19,2 kWh. Системот развива 748 коњски сили и 1.000 Nm вртежен момент, а забрзува до стотка за 3,6 секунди. Со опционалниот M Driver’s Package, максималната брзина се зголемува на 280 km/h.
Отстранувањето на основната варијанта, која досега беше поевтин влез во светот на XM, е логична одлука. Моделот се продава под очекувањата на сите пазари. На пример, минатата година беа продадени само 7.813 единици низ целиот свет, што го прави моделот уште помалку популарен од Z4. Затоа, BMW го преориентира XM исклучиво кон купувачи кои бараат моќ, луксуз и ексклузивност, и се подготвени да платат за тоа.
Покрај оваа промена, новиот XM носи и неколку технички и визуелни подобрувања. Полнењето со AC сега има до 11 kW, наместо претходните 7,4 kW, што значи побрзо полнење дома или на јавни станици.
Автомобилот е визуелно освежен и со анимација на светлата за добредојде и нова нијанса на боја на каросеријата Frozen Tanzanite Blue од програмата Individual. Исто така, тука се и новите 23-инчни Jet Black тркала, кои дополнително го нагласуваат агресивниот став на автомобилот.
Внатрешноста, исто така, оди чекор понатаму. Воведени се три нови комбинации од кожа, вклучувајќи темно сина и црна Merino боја со детали од Vintage Coffee, и сиво-црн контраст во варијантата Silverstone. Сите модели со Merino кожа сега вклучуваат и перници за задни седишта, во бојата на тапацирот, како стандард.
BMW не ја пропушти ниту можноста за маркетиншка екстраваганција, легендарниот британски диџеј Карл Кокс состави „музички портрет“ на XM користејќи ги неговите вистински звуци, вклучувајќи го и злокобното татнење на V8 моторот.