Пред неколку месеци беше претставен автомобилот Alpha 5, за кој неговите креатори тврдеа дека е духовен наследник на познатиот DeLorean DMC-12 од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, автомобилот кој се прослави во филмот „Враќање во иднината “.
Сепак, сега доаѓа најава за уште еден модел кој претендира за наследството на оригиналниот DeLorean. Овој пат станува збор за компанијата DNG Motors (DeLorean Next Generation Motors), основана од Кат ДеЛореан, ќерка на Џон Делореан, човекот одговорен за DMC-12.
Новиот автомобил дизајниран по оригиналот ја носи ознаката „Model – JZD“, во чест на Џон (John Z. DeLorean), а компанијата тврди дека производството ќе започне во јануари 2023 година во американската престолнина на автомобили, Детроит, градот каде што кариерата на Џон ДеЛореан започна.
Официјалната премиера на новиот модел ќе се случи „на крајот на годината“.

Деталите во моментов се под обвивка, но DNG Motors вели дека нивниот тим вклучува „некои од најдобрите умови во автомобилската индустрија“, заедно со поединци од оригиналниот тим „кои учествувале во создавањето на првиот иконски DeLorean пред повеќе од 40 години“.
Исто така, тврди дека DNG Motors ќе биде „нов вид на компанија за мобилност што индустријата никогаш досега не ја видела, која се фокусира на луѓето“.
Покрај производството на автомобили и отворањето работни места, компанијата планира да лансира нови инженерски програми од кои ќе имаат корист средношколците, како и партнерство со други производители за справување со предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија.

DNG Motors исто така истакнува дека тие немаат никаква врска со други проекти што го носат името DeLorean и се единствената компанија со директна врска со John Z. DeLorean, што секако се однесува на „другиот нов“ концепт DeLorean, гореспоменатата Alpha 5, која ја најавува тексашката компанија DeLorean Motors Reimagined LLC.
Секако, останува да се види дали некој од овие проекти ќе резултира со масовно производство на кој било автомобил, бидејќи создавањето ново возило од нула и неговото носење во производство е неверојатно тежок и сложен потфат кој бара време и ресурси, особено со денешните строги законски прописи.
Но, ако двата проекта на DeLorean се реализираат, најверојатно ќе има неколку правни битки во иднина околу тоа кој ги поседува наследените права на оригиналниот модел.