Во затворот во сојузната држава Ајова, 77 затвореници се под надзор поради несакани ефекти откако ненамерно им е инјектирана шест пати поголема доза на вакцината од компанијата „Фајзер“.
Две медицински сестри во затворот Форт Медисон во Ајова погрешно ја примениле вакцината, се вели во соопштението од затворот.
Инцидентот се случил во вторникот, што доведе до прекинување на вакцинацијата во затворот.
Портпаролот на казнено-поправниот дом во Ајова, Корд Овертон, изјави дека повеќето затвореници кои примиле поголема доза на вакцина имале симптоми слични на оние поврзани со нормалните дози на вакцината, како што се болка во рацете и телото. Најмалку еден затвореник имал висока телесна температура.
Затворските службеници побарале упатства од експерти од Центрите за контрола и превенција на болести, Фајзер и Универзитетот во Ајова, кои препорачуваат затворениците да се следат најмалку 48 часа.
Мајка на еден затвореник изјавила дека нејзиниот син и другите затвореници имале бројни несакани ефекти, како што се гадење и тешка дехидрираност.
Вакцината на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ се транспортира и чува во замрзната состојба и е спакувана во концентрирана форма, па се разредува со физиолошки раствор пред да се даде на пациентите.
Државните службеници не дадоа конкретно објаснување за начинот на предозирање на затворениците, но можно е вакцините да биле дадени без разредување, пишува РТ.