Коментирајќи ги обвинувањата на Бугарија за наводна руска вмешаност во експлозии во воени магацини во Бугарија и обид за убиство на бугарски бизнисмен, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека официјална Софија на тој начин може да дојде до обвинувања за убиството на надвојводата Франц Фердинанд.
„Добро е што сè уште не сме го убиле надвојводата Фердинанд, но очигледно, работите одат кон тоа“, рекол Лавров по повод скандалозните изјави против Русија.
Во таа насока, тој вели дека Софија решила да ги надмине Чесите со ваквите обвинувања.
„Бугарската страна не знаеше ништо во последните 10 години, и дури сега, кога Чешка се сети на настаните од 2014 година, одлучи да ги надмине Чесите и да погледне многу подлабоко во историската ретроспектива. Или тие знаеја што се случува цело време, но поради некоја причина не го објавија тоа“, рекол Лавров на прес-конференција по преговорите со неговиот мексикански колега Марсел Ебрард.
Министерот ја советуваше Европската Унија да се занимава со исполнување на обврските на нејзините земји-членки во областа на трговијата со оружје.
„Можам да кажам дека ЕУ сè уште треба да се справи со ситуацијата и во Чешка и во Бугарија, односно ситуацијата поврзана со фактот дека некои приватни претприемачи се вклучени во трговијата со оружје, складирање оружје и муниција. ЕУ исто така треба да одговори на прашањето што го поставивме, а тоа е степенот до кој ЕУ го контролира исполнувањето на обврските на земјите-членки во врска со разни документи од областа на трговијата со оружје “, додаде Лавров.
Тој смета дека ЕУ нема да има ништо против да ѝ објасни на меѓународната заедница како сето тоа е комбинирано со истите меѓународни конвенции и договори што членките на ЕУ едногласно ги потпишаа.
Претходно, Бугарската национална телевизија, повикувајќи се на нивното обвинителство, објави дека шест руски државјани се осомничени за предизвикување експлозии во фабрики и воени магацини во Бугарија, а дека тројца се обвинети за обид за убиство на бугарскиот бизнисмен Емилијан Гебрев.