Десет години по отворањето на првата државна Кардиохирургија во Македонија, клиниката која некогаш беше симбол на напредок во јавното здравство денес се соочува со сериозен колапс. Основана во 2015 година во склоп на Кардиологија, со инвестиција од 140 милиони денари, таа со години бележеше успеси под раководство на кардиохирургот д-р Сашко Јовев — меѓу кои и првата трансплантација на срце во земјата во 2020 година. Но, по неговото разрешување во времето на министерот Фатмир Меџити, започна серија политички и лични пресметки што ја разнишаа целата установа.
Политички смени и внатрешни конфликти
По Јовев, директорската позиција се менуваше неколку пати: прво д-р Марјан Шокаровски, потоа Никола Лазовски, а денес клиниката ја води д-р Дејан Димитровски. Наместо стабилност, честите смени донесоа поделби, недоверба и нарушени меѓучовечки односи. Дел од вработените сведочат за тензична атмосфера, кавги, навреди и мобинг. Како што наведува Фокус, „болничките соби се користат и за прослави кога некој од неподобните ќе биде избркан“.
Ситуацијата ескалирала кога Јовев бил отстранет од работа без јавна објава, но подоцна со декрет бил вратен од тогашниот министер Илир Демири. Сепак, по неговото враќање ништо не се подобрило – хаосот продолжил, а контролата во пракса ја презеле неколку влијателни поединци: поранешен директор, анестезиолог со политички врски и кардиохирург близок до актуелната власт. Тие, според сведошта, „палат и гасат“ на клиниката.
Мобинг, одлив на кадар и недостиг од анестезиолози
Поради притисоци и лоши услови, од Кардиохирургија си заминале четворица анестезиолози – клучни за секоја операција. Денес таму работат само двајца, а на испомош доаѓаат колеги од КАРИЛ кои не се обучени за кардиоанестезија. Ова сериозно ја загрозува работата, а дел од персоналот е на боледување или размислува за отказ. Министерот Азир Алиу најавил дека празните места ќе се пополнуваат со лекари од Словенија, но без јасен рок кога.
Смртни случаи и раст на интрахоспитални инфекции
Како што пишува Фокус, во последните три години драстично се зголемил бројот на починати пациенти. Министерството формирало Стручна комисија која потврдила дека смртноста расте. Според податоците, во 2022 година починале 37 пациенти, а во 2023 година дури 58 од оперираните.
Причините се различни – од тешки здравствени состојби до лекарски пропусти и интрахоспитални инфекции. Во еден случај, 49-годишен пациент добил сепса по престој во клиниката; во друг, човек со аневризма починал додека самиот се префрлал на операционен стол; а семејството на 57-годишниот Тони Ангелковски обвинило за лекарска негрижа, бидејќи бил одбиен од клиниката и препратен во приватна болница. Имало и пациентка која починала по контроли, откако лекарите не забележале внатрешно крвавење.
Дополнително, „Фокус“ дошол до документи од системот Мој термин што покажуваат дека во период од само три месеци од 31 опериран пациент починале 14 – податок што клиниката го демантирала, но комисијата го потврдила како точен.
Неизвесна иднина – спојување со Кардиологија
Во меѓувреме, се разгледува и идеја за спојување на Кардиохирургија со Кардиологија – чекор кој, според повеќемина вработени, ќе значи гаснење на независноста на клиниката и уништување на повеќегодишниот труд.
Додека државната установа се соочува со вакви проблеми, приватните клиники за исти интервенции добиле над 100 милиони евра од Фондот за здравство во последните шест години – што, според текстот на Фокус, фрла дополнителна сенка врз причините за свесното уништување на јавната Кардиохирургија.