Доделувањето на наградите „Еми“ за 2023 година е одложено за четири месеци, за 15 јануари 2024 година поради тековните штрајкови на писателите и актерите во Холивуд, соопштија денес во заедничката објава Телевизиската академија и Fox.
Ова е првпат „Еми“, највисоките телевизиски награди, да се одложат по 10 години. Доделувањето беше одложено и во 2001 година поради терористичките напади од 11 септември.
Минатиот месец беа објавени номинациите за „Еми“ за 2023 година, а објавата се случи два дена пред штрајкот на холивудските актери кои им се придружија на филмските и телевизиските писатели кои се на штрајкувачките линии од мај, откако разговорите со големите студија пропаднаа.
Актерите и писателите остануваат цврсти на ставот дека сакаат преостанатите плаќања да станат засновани на гледаност, и плаќање од стриминг сервисите за огромните хитови. Тие, исто така, сакаат да видат повисоки минимални нивоа за персонал во емисиите, а студијата да ги решат нивните грижи за вештачката интелигенција.
Повеќе од десетина филмски ѕвезди, вклучително и Двејн „Рок“ Џонсон, Мерил Стрип, Леонардо ди Каприо и Никол Кидман, донираа заедно 15 милиони долари во фондот за итни случаи на Саг-Афтра за поддршка на актери кои се борат и се без работа.