Без Република Српска нема слобода за српскиот народ на овие простори, изјавил претседателот на РС, Милорад Додик, на комеморација во Бања Лука каде се одбележувале 82 години од страдањата на Србите во Дракулиќ, Шарговец, Мотика и во рудникот Раковац.
-Ова треба да биде местото на нашата трајна меморија. Ако немате своја земја, тогаш нема ниту слобода. Да постоеше РС пред 80 години, ова злосторство немаше да се случи. Затоа треба трајно да се бориме за нашата земја и нашата слобода, нагласил Додик.
Додик истакнал дека младите во РС мора да знаат што се случило во Јасеновац, Доња Градина, Дракулиќ, Прибиловци….
-Ова место е местото на нашите маки, но за жал и на нашите поделби. Институциите на РС подготвуваат материјал за филм кој ќе се снима за злосторството во Дракулиќ. Мора да има и спомен-куќа во која верно ќе биде прикажано она што се случувало овде пред повеќе од 80 години, порачал Додик.
Додик истакнал дека ниту САД не се како што беа.
-Не треба да ги слушаме, бидејќи нивните амбасадори не можат да одлучат како ќе живееме овде, рекол Додик.