Претседателот на Република Српска и бегалец од судството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, рече дека „нема да биде скршен од политичките процеси и дека нема да се откаже од борбата за Република Српска“, посочувајќи дека Британците наводно се обиделе да го ликвидираат по „мафијашки рецепт“, со оправдување дека тој „давал отпор“.
Додик тврди дека оваа информација му ја дале еден премиер и тројца претседатели на европски земји.
„Ми рекоа дека британска единица од околу четириесет војници била префрлена во Босна и Херцеговина, со наредба да не ме уапсат, туку да ме „елиминираат“, со приказната – „дал отпор“, очигледно според мафијашката логика. Човекот е проблем – ако нема човек, нема проблем. Не се откажале, но молчат“, изјавил Додик за „Вечерње новости“, пренесува „Н1 БиХ“.
Тој истакнал дека не се чувствува изолиран и дека слободно се движи.
„Ова е политички процес. Ние и нашите пријатели ја толкуваме оваа ситуација така што Кристијан Шмит го прекршил меѓународното право, а муслиманите го поддржале. А сега човек кој не бил легитимно избран носи одлуки кои јас, како легално избран претседател на Република Српска, мора да ги почитувам“, рекол Додик.
Додал дека има достоинство и карактер, кои ги покажува секојдневно и нагласи дека никогаш не го примил Шмит, ниту ќе го направи тоа.
„Некои го прифатија и сега се извинуваат и тврдат дека нема повеќе да го сторат тоа, а некои тајно се среќаваат со него. Јас не сум човек кој мисли дека тој ќе остане тука засекогаш, но имам намера да се борам за Република Српска се додека ја имам поддршката од народот“, изјавил Додик.
Како претседател на СНСД, тој истакнал дека негова најголема сатисфакција е токму поддршката од граѓаните, што, според него, го потврдуваат и резултатите од последната анкета – 62 отсто поддршка за него лично и 40 отсто за СНСД, а до 50 отсто за коалиционите партнери.
Тој додал дека и некои странски претставници од Брисел му предложиле да се повлече.
„Нема да го гледате тој филм. Јас нема да отстапам, дури и ако НАТО дојде да ме уапси“, потенцирал Додик.