„Додик мисли дека е над граѓаните“: Дали евентуална затворска казна за лидерот на босанските Срби ќе ги продлабочи тензиите во Федерацијата?

Се бара строга затворска казна: „Да беше БиХ функционална држава никој немаше да ги поставува прашањата дали и како Додик ќе биде приведен“

од Nikola Popovski
397 прегледи

Владата на Република Српска на посебна седница одржана во средата вечерта соопшти дека ќе ги преземе сите неопходни мерки и дејствија во нејзина надлежност со цел заштита на институциите, имотот и интересите на граѓаните на Република Српска. Владата нагласува дека сите нејзини идни задачи ќе бидат насочени кон „зачувување и заштита на Република Српска, како и на интересите на луѓето што живеат во неа, и дека правното насилство мора да престане и нема да се дозволи врз институциите на Република Српска“. На седницата се разговараше за информации за политичко-безбедносната состојба во Република Српска, со фокус на можните последици, откако со завршните зборови на одбраната и обвинителството заврши едногодишното судење на претседателот на ентитетот, Милорад Додик и директорот на Службениот весник на РС, Милош Лукиќ, кои се обвинети за неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ. Државниот обвинител Недим Ќосиќ побара Додик и Лукиќ да бидат прогласени за виновни и осудени на затворски казни „блиску до максимумот“ од пет години. Тој предложи и на двајцата судот да им изрече десетгодишна забрана за вршење функции во владини органи или институции финансирани од буџетот.

Во тамошната јавност, но и во регионот, што понатаму доколку Додик биде осуден на затворска казна? Дали евентуално се движиме кон референдум за независност на РС и можни нови тензии? Професорот и социолог од БиХ, Есад Бајтал за „Локално“ вели дека високиот претставник е дел од Дејтонскиот мировен договор и неговите одлуки мора да се спроведат. Затоа што зад него и неговите одлуки стојат дејтонските потписи и потписници, односно гаранти на Договорот.

Есад Бајтал

-И потписите на Србија и Хрватска како сведоци или поточно учесници и агресори против Босна во 90-тите. Според тоа, сите одлуки на високиот претставник, какви и да биле, секогаш се спроведувале без прашања или уцени. Зошто сега би било поинаку? Затоа што Додик се заканува дека ќе прифати само ослободителна пресуда? А кој е тој да прифаќа или не прифаќа судски одлуки? На која основа тој се ослободува од принципите на правичност и праведност? Какво право има тој да мисли дека она што важи за сите граѓани на Босна и Херцеговина не треба да важи само за него? Затоа што е претседател на помал ентитет (РС)? Ова се логични прашања, потенцира Бајтал во разговорот.

Соговорникот потсетува дека не така одамна, со судска одлука беше затворен тогашниот претседател на поголемиот ентитет (ФБиХ), Фадил Новалиќ и групата околу него.

-Сите засегнати од неа се најдоа таму каде што припаѓаат. Зошто Додик би бил исклучок ако, и повторувам – ако судот донесе одлучувачка одлука од ист вид. Каква ќе биде таа одлука, ние граѓаните не знаеме. Но она на што се надеваме е дека судот ќе постапи согласно фактите и врз нив ќе донесе пресуда. И одлуката да се спроведе на ист начин како во случајот Новалиќ, додава Бајтал и продолжува:

-Друга работа е што Додик има проблеми со сопствените граѓани и опозицијата, која отворено го обвинува за грабеж, криминал, непотизам и неактивност што доведе до банкрот еден помал субјект, како што тврдат некои економски експерти и критичари на неговото авторитарно владеење. Во таква ситуација, очигледно би му одговарал секој јавен неред или инцидент што би се обидел да ги замолчи критиките, да го задуши незадоволното мнозинство и да ја обедини длабоко поделената јавност на помал ентитет.

Истото, смета професорот, би му одговарало и нa неговиот политички ментор Александар Вучиќ, кој исто така е во незавидна ситуација на повеќемесечни граѓански немири и студентски бунт, на кој, очигледно, нема одговор.

-Затоа, и двајцата би имале корист од ескалација на ситуацијата со цел да се оттргне вниманието на јавноста од актуелните проблеми и да се смири со евентуално прогласување вонредна состојба. Очигледно, како што сметаат некои аналитичари и оние со подобро познавање на ситуацијата таму, се бара оваа можност или подобро кажано вакво оправдување. Да се ​​надеваме дека таквото сценарио нема да се оствари и дека т.н меѓународна заедница, од искуство, е свесна на што се подготвени да направат овие двајца манипулатори, неформални полномошници на Путин на Балканот, наведува Бајтал.

За професорот по филозофија и политички аналитичар, Драган Бурсач, Додик треба да биде осуден според законот на државата БиХ. Во изјава за „Локално“, вели дека тамошниот обвинител побарал максимални можни казни. Сепак, истакнува дека не би се обложил колкава ќе биде казната, но очекува Судот на БиХ да си ја заврши работата согласно законот.

Драган Бурсач

-Вистинското прашање е што, „ден потоа“ или еден час потоа? Поточно, што ако Додик биде осуден? Дали сам ќе се предаде, како ќе биде приведен и како сето тоа ќе се одвива? Да беше БиХ функционална држава, никој немаше да ги поставува овие прашања, но за жал, тоа не беше досега. Најважно е да се одржи безбедноста и да не се зголемуваат тензиите, бара Бурсач, додавајќи дека не треба да се наседне на тезата на Додик, по која тој се поистоветува себеси со целиот ентитет.

Додик е обвинет дека потпишал указ и прогласил за валидни два неуставни закони на Република Српска кои високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништи. Лукиќ е обвинет дека ги објавил овие уредби во Службен весник на РС и законите според кои одлуките на високиот претставник и на Уставниот суд на БиХ нема да се применуваат на територијата на тој ентитет. Во јуни 2023 година, Националното собрание на РС донесе неуставни закони според кои одлуките на високиот претставник повеќе не се признаваат и нема да се објавуваат во Службен весник на РС, како и дека одлуките на Уставниот суд на БиХ нема да се применуваат на територијата на РС.

Високиот претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит, користејќи го т.н Овластувања на Бон, според кои тој може да менува закони и да разрешува функционери во БиХ, ги поништи двата закони на 1 јули 2023 година, додека законодавната процедура официјално сè уште беше во тек. Истиот ден, Шмит воведе измени и во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со кои се додаде кривичното дело „неизвршување на одлуките на високиот претставник“, за што беше обвинет Додик.

Пресудата против лидерот на босанските Срби ќе биде изречена на 26 февруари.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека се надева оти судиите во Сараево ќе го ослободат претседателот на Република Српска, бидејќи, како што вели „секоја друга пресуда води кон неизвесност“. Тој го изрази својот страв дека како што вели „сите сме во неволја“ доколку работите одат поинаку и се надева дека „ќе има доволно разум во Сараево“.

Милорад Додик се наоѓа на листата на американски санкции од јули 2017 година поради попречување или закана дека ќе го попречува Дејтонскиот мировен договор. На почетокот на јануари 2022 година тој повторно беше санкциониран, бидејќи директно или индиректно учествувал во повреда или дело што го попречувало или загрозувало спроведувањето на Дејтон, како и за коруптивни активности. Со истото или слично објаснување, САД го санкционираа и семејството на Додик, речиси целиот врв на ентитетот Република Српска и неколку приватни компании за кои се наведува дека се поврзани со семејството Додик.

Н.П.

Слични содржини