Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави денеска на прес-конференција во Источно Сараево дека процесот против него и вршителот на должноста директор на Службен весник, Милош Лукиќ, е политички мотивиран и дека му биле понудени различни работи во замена за ослободителна пресуда.
„Ми понудија различни работи за ослободителна пресуда, почнувајќи од централизација на Босна и Херцеговина, што го одбив. Затоа процесот се комплицира и се обидуваат да го забрзаат. Нема нешто што можат да добијат за да осигураат нешто што не е во согласност со Уставот во овој несовршен процес,“ изјави Додик по денешното рочиште, пренесува РТРС.
Тој додаде дека му било понудено да се согласи и со прашањето за имотот, што исто така го одбил, и посочи дека е обвинет за неуважување на Кристијан Шмит, кој наметнал закон, иако, според него, Бонските овластувања не вклучуваат наметнување закони.
Додик истакна дека на денешното рочиште судијката Сена Узуновиќ побарала да се почитува актот за право на самоопределување, нагласувајќи дека му е драго што „почнаа да водат сметка за конвенцијата која зборува за правото на народите на самоопределување.“
„Лажат дека тоа не е предвидено со Дејтон. Народите имаат право на самоопределување,“ рече Додик.
На денешното рочиште беа презентирани 36 материјални докази за второобвинетиот Лукиќ, од кои најважен беше дипломатската нота на Германија за дипломатскиот статус на Кристијан Шмит. Следните рочишта се закажани за 30 октомври и 13 ноември.