Претседателот на Република Српска Милорад Додик истакна денеска дека РС го отфрла предлогот за Резолуција за геноцидот во Сребреница, која, како што се очекуваше, БиХ ќе ја предложи на Генералното собрание на Обединетите Нации, пренесува N1.
Додик најави дека Собранието на РС ќе го усвои извештајот дека немало геноцид во Сребреница и рече дека зад предложената резолуција стојат „Британците, заедно со мислиманите“.
„Тие упорно се обидуваат да ја демонизираат само РС и еден народ. Ако се усвои Резолуцијата, таа нема да биде обврзувачка за нас, но одлуките на Народното собрание на РС ќе бидат обврзувачки“, рече тој по состанокот на владејачката коалиција во РС.
Додик рече дека високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и „муслиманите Бошњаци ја мразат РС и сакаат да ја уништат“ и дека решението е да се повлечат сите одлуки наметнати од Шмит.
Тој повтори дека пред неколку дена Собранието на РС одлучило да покрене иницијатива за повлекување на одлуките на Шмит од страна на Парламентот на БиХ, а ако тоа не се случи, српските претставници ќе се повлечат од одлучувањето во институциите на државно ниво.
Додик најави и дека во тој случај ќе се донесе Изборниот закон на РС, според кој следните локални избори на територијата на тој ентитет на БИХ ќе ги спроведе Републичката изборна комисија на РС.
Претседателот на Собранието на РС и на Обединета Српска (ОС), Ненад Стевандиќ, рече дека „нема расцеп во владејачката коалиција“ и дека РС „добива сè повеќе контакти на меѓународната сцена“, како и дека нема да поминат обидите на меѓународната заедница да ги исплаши властите на РС со санкции, притисоци и со закани.