Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави денеска дека смислата на целиот циркус со Кристијан Шмит и неговите постапки е крадење на имотот на Република Српска.
„Тој вели дека ќе ја заштити Република Српка, дека сака да ја излади ситуацијата, а направи целосен хаос во моментот кога Босна и Херцеговина покажа дека може самостојно да носи одлуки и да си го врати суверенитетот што го уништија странците. Германец кој дошол овде незаконски и лажно се претставува пред Србите, држи лекции и зборува за Европа“, изјави Додик на социјалните мрежи.
Тој посочи дека Шмит, кој не е признат за висок претставник во РС, е американски поттрчко чија единствена цел е насила и со наметнување да ги спроведе нивните желби.
„Вели дека ќе ја донесе Европа во Босна и Херцеговина и прашува што е лошо во наметнувањето решение на суверена земја. Не само што е нелегален, туку е и непресметлив“, нагласи Додик.
Тој вели дека и Европа јасно му кажала на Шмит дека не го поддржува неговото наметнување.
„Ниту еден нормален не може да го поддржи тоа освен оние кои имаат интерес да го задржат колонијалниот карактер на Босна и Херцеговина“, јасен е Додик.
Додик истакна дека Република Српска кажала се што имала на тема на нелегалниот Шмит.
Смисао цијелог овог циркуса са Шмитом је отимање имовине Српској. Каже да ће он чувати Српску, да хоће да охлади ситуацију, а изазвао је потпуни хаос и то у тренутку када је БиХ показала да може самостално да доноси одлуке и да враћа свој суверенитет, који су урушили странци.…
— Милорад Додик (@MiloradDodik) April 4, 2024
„Очекуваме сите актери да покажат дека нема место за странска интервенција во БиХ и дека сакаат да ја зачуваат Дејтонската Босна и Херцеговина“, рече тој.
Додик порача дека во БиХ нема место ниту за Шмит, ниту за наметнувања.
„Тој го уништи европскиот пат според американски инструкции и само со негово заминување Босна и Херцеговина може да му се врати на исполнувањето на оваа стратешка цел“, посочи Додик.
Српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, изјави дека намерата на Кристијан Шмит е целосно да управува со ЦИК и да влијае на изборните резултати. На прашањето на „Срна“ да ги коментира последните наметнувања, односно „корекциите“ на Изборниот закон што веќе ги наметна Кристијан Шмит, Цвијановиќ одговори дека тој своите одлуки ги приспособува на однапред поставените цели.
„На што личи земја во која неизбран странец нешто наметнува, а за неколку дена го поправа тоа што го наметнал. Од наметнување до наметнување. Сето ова личи на циркус“, посочи Цвијановиќ.
Таа изјави дека нема сомнеж оти сите изборни манипулации на Шмит одат во насока на отстранување на непослушните и инсталирање на оние кои тивко ќе ја извршуваат неговата волја.
„Несериозно, дури и за Босна и Херцеговина“, оцени Цвијановиќ.