Додик: Специјалната операција на Русија во Украина е оправдана

од Stefanija Kuzmanovska
220 прегледи

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, во понеделникот отворено ја поддржа руската агресија врз Украина, наведувајќи дека е неопходна за заштита на украинските Руси, а во исто време направи споредба со босанските Срби, велејќи дека тие не можат да живеат со муслимани, затоа што е „природна“ желбата да бидат обединети со Србија.

„Нашиот стремеж кон Србија е природен. Слична е ситуацијата и со Русите во Украина, од кои во таа земја има 15 милиони и за кои рускиот јазик е забранет од раководството на таа земја. Затоа руската специјална операција во Украина е оправдана со заштитата на правата на својот народ. Така сме и ние овде – не можеме да имаме заеднички училишта, заеднички учебници со муслиманите“, изјави Додик за руската агенција ТАСС.

Додик ова го изјави пред да замине за Москва, каде во вторник е закажана негова средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Тој рече дека Русија е таа која отсекогаш се придржувала до нормите на меѓународното право и тврди дека Западот е тој што ги прекршува овие норми во целиот свет, вклучително и во Украина. Како доказ за тоа тој понуди споредба на денешните западни земји со Третиот рајх.

„Ние многу добро разбираме дека борбата на Западот против православието никогаш не престана. Таа борба беше лајтмотив на сите кампањи и во суштина имаше единствена цел – да ја преземе контролата врз богатото снабдување со природни ресурси на Русија. Поради оваа причина, и Наполеон и Хитлер дојдоа во Русија, а на тие пространства сака да доминира и денешен Запад“, тврди Додик.

Одговарајќи на прашањето за можното отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, Додик рече дека тоа останува целта, а за нејзина реализација во Бања Лука само се чека вистинскиот момент.

Слични содржини