Кипар ја додава кинеската ковид вакцина „Синофарм“ на списокот на одобрени вакцини прифатени за влез во земјата.
Одлуката стапува на сила во петок, според соопштението на Министерството за транспорт.
Како што истакнуваат, сертификатите за вакцинација издадени по инокулацијата со „Синофарм“ ќе бидат прифатени за влез во Кипар, пишува „Кипар мејл“, пренесува „Курир“.
Имено, тоа значи дека граѓаните кои ја примиле кинеската вакцина сега без ограничувања, со две дози и потврда за вакцинација, ќе можат да летаат на Кипар од утре, кога одлуката стапува на сила.
Овие лица ќе бидат ослободени од задолжително тестирање и карантин, без оглед на земјата на поаѓање.
Сертификатите за вакцинација се сметаат за валидни ако носителот примил една од вакцините одобрени од ЕМА или руската вакцина Спутник V или кинеската Синофарм и поминале 15 дена помеѓу последната доза и поаѓањето.