На девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна трет ден по ред. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест главни светски валути, се движи околу 102,57 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 101,92 поени.
Курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 129,20 на 130,10 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0655 долари, додека вчера во ова време беше 1,0720 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, паднаа. Резултатот е поради веста дека Саудиска Арабија би можела да го зголеми производството за да го надомести недостигот на руска нафта на пазарот, откако Европската унија го забрани увозот на руска нафта испорачана со бродови.
Членките на ОПЕК на денешниот состанок ќе разговараат за состојбата на пазарот, а аналитичарите очекуваат одлука за зголемување на производството. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 1,52 отсто, на 114,52 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 1,76 отсто, на 113,23 долари.