На светските берзи вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна минатата недела, вторпат по ред, бидејќи извештајот за инфлацијата во САД го зајакна уверувањето на инвеститорите дека ФЕД ќе продолжи агресивно да ги зголемува каматните стапки. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела порасна за 1,95 отсто, на 104,16 поени, пишува See Biz.
Истовремено, доларот зајакна за 1,9 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото потона на 1,0520 долари.
Доларот зајакна и во однос на јапонската валута, за 2,7 отсто, на 134,40 јени, ново највисоко ниво во последните 20 години.
Најголемиот неделен скок на индексот на доларот за месец и половина најмногу се должи на извештајот кој покажа дека инфлацијата во САД не се намалува.
Во петокот беше објавено дека потрошувачките цени во мај пораснале за 8,6 отсто на годишно ниво, додека аналитичарите очекуваа раст како и во април, 8,3 отсто.
Како резултат на тоа, паднаа во вода шпекулациите дека инфлацијата го достигнала врвот во април и дека нејзините притисоци ќе се намалат, што би значело дека Федералните резерви на САД би можеле да бидат помалку агресивни во заострувањето на монетарната политика.
„Инфлацијата сега е на нови највисоки нивоа во последните 40 години и има малку индикации дека го достигнала својот врв. Цените на акциите паднаа бидејќи ФЕД може да го забрза процесот на зголемување на каматните стапки, што е во корист на доларот, како и неподготвеноста на инвеститорите за ризични инвестиции“, изјави Џон Дојл, потпретседател на Monex USA.
Бидејќи инфлацијата во САД е на највисоко ниво во последните 40 години, ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени од март, а сега се движи од 0,75 до 1 процент.
Се очекува зголемување на каматните стапки за 0,50 процентни поени во јуни и јули, а можеби и во септември, така што клучните каматни стапки би можеле да се движат од 2,50 до 2,75 отсто до крајот на годината, проценува пазарот.
Наскоро каматните стапки ќе ги зголеми Европската централна банка (ЕЦБ), бидејќи инфлацијата во еврозоната достигна рекордно ниво.
По редовната седница во четвртокот, ЕЦБ објави дека во јули ќе ги исклучи стимулациите во економијата на еврозоната и ќе ги зголеми клучните каматни стапки за прв пат од 2011 година.
Сепак, еврото ослабе во однос на доларот бидејќи ЕЦБ заостанува зад ФЕД во однос на каматните стапки. Покрај тоа, американската економија е во подобра состојба од економијата на еврозоната, која е под притисок од војната во Украина.
Доларот уште повеќе зајакна во однос на јапонскиот јен, па неговиот курс достигна ново највисоко ниво во последните 20 години.
Слабоста на јенот е последица на очекувањата дека Банката на Јапонија ќе продолжи да води стимулативна монетарна политика поради слабоста во економијата. Сите други големи централни банки во светот, освен Кина, или ја заоструваат монетарната политика или ја најавуваат.
Додуша и јапонската централна банка најави дека ќе го стори тоа доколку биде потребно, но тие најави беа сфатени само како вербална интервенција со цел да се запре наглиот пад на курсот на јенот.