ДОМ ќе даде поддршка за Горан Стојковски – Диро во вториот круг на локалните избори

Како што соопштија од ДОМ, поддршката е јавно објавена и врзана за конкретни мерки во интерес на здравјето, животната средина и транспарентното управување со Куманово.

од Бисера Трајковска
26 прегледи

Претседателот на општинската организација на Зелената партија ДОМ во Куманово, Сретен Стојковски, на денешната средба ја обзнани поддршката на ДОМ за независниот кандидат за градоначалник, Горан Стојковски – Диро, во вториот круг на локалните избори на 2 ноември.

Како што соопштија од ДОМ, поддршката е јавно објавена и врзана за конкретни мерки во интерес на здравјето, животната средина и транспарентното управување со Куманово.

Како што наведе претседателот на општинската организација на Зелената партија ДОМ, подршката се темели врз основа на прифаќање на следните барања кои произлегуваат од јавниот интерес и од “зелената” програма што ја застапуваме.

-Итна санација и отстранување на опасниот отпад во Табановце, реформа на инспекцискиот систем со формирање општински сектор за животна средина и комуналии, доследна примена на Законот за зеленило со минимум 20% зеленило на градежни парцели, доизградба на атмосферска канализација, заштита и обезбедување на бунарите Бедиње и Проевце, воспоставување зелени пунктови за градежен шут и целосна програма за прочистување и заштита на реката Кумановка, како и најважниот сегмент, формирање на „Совет за зелени политики“ со учество на соодветни експерти за заштита на животната околина, рече Сретен Стојковски.

Тој додаде дека овие мерки не се празни зборови, туку интервенции кои ќе ги спасат здравјето и егзистенцијата на многу семејства во Куманово.

„Ги повикуваме сите граѓани на Куманово да ја прифатат шансата за промена која не се мери во визуелен оптимизам или партиски притисоци, туку во реализирани проекти што ги штитат луѓето и природата. На 2-ри ноември гласајте одговорно, за бројот 41,  за човек што се обврзува на зелени и чесни политики. За Куманово што го сакаме и што го заслужуваме“, рече претседателот на општинската организација на Зелената партија ДОМ во Куманово, м-р Сретен Стојковски.