ДОМ: Рудник во Иловица нема да има!

од Nikola Popovski
198 прегледи

Зелената партија ДОМ бара да не се разводнува случајот на концесијата за Иловица-Штука и да се донесе одлука со која ќе се одбие спојување на концесиите и ќе се потврди одлуката на Владата и Второстепената комисија за одземање на дозволата за експлоатација на концесионерот.

„Жалбената постапка што концесионерот ја започна пред Управниот суд во врска со одземањето на дозволата за експлоатација на злато и бакар во рудникот Иловица-Штука, заврши со пресуда на Вишиот управен суд што може да го “воскресне” концесионерот. Уважувањето на неговата жалба со која се бара спојување на двете концесии и потоа повторно одлучување за одземање на дозволата е неприфатливо!

Според судот, грешка е што надлежниот орган не одговорил на претходно барање за спојување на двете концесии, Иловица 6 и Иловица 11, за да може да се решава за дозволата за експлоатација. Ова барање за спојување е од 29.1.2016 година, но компанијата до денешен ден нема комплетна документација за Иловица 11, такашто ниту таа може да добие дозвола за експлоатација за Иловица 11, ниту може да се спојат концесиите. Понатаму, Владата ја одзеде концесијата за рудникот Иловица на 16.12.2019 година поради прекршување на Договорот за концесија, односно изминување на рокот од 2 години по доделувањето на концесијата до отпочнување на експлоатацијата. Имено, од доделувањето на концесијата (на 16.6.2012 година) изминале 7,5 години, а од потпишувањето на Договорот и Анексот на договорот (од 23.9.2014 година и од 22.6.2015 година) изминале 5, односно 4,5 години.

Уште едно прашање што треба да се има предвид е фактот што Министерството за животна средина и просторно планирање, спротивно на закон, донело Решение за одобрување на Студијата за оцена на влијание за едната концесија (Иловица 6) без истата да биде целосно објавена и без одржување на јавна расправа. Притоа на Иловица 6 се лоцирани објектите за површински коп (што вклучува и минирање) и за флотација, а на Иловица 11 се планира изведба на хидројаловиште и висока брана. Потоа концесионерот изработил Студија за оцена на влијанијата врз животната средина за двете концесии, без тие да бидат формално споени.

Оваа се само еден мал дел од огромниот број неодговорени прашања во врска со криминалниот процес на издавање концесии, кој сега станува исклучително опасен заради барањето за спојување на концесиите и враќање на повторно одлучување. Затоа апелираме судските перипетии да не влијаат на натамошните одлуки, односно да се опстои на претходната исправна одлука на Владата“, стои во соопштението на партијата.

Слични содржини