Поздравувајќи го постигнатиот договор помеѓу лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, ДОМ повикува на вклучување на повеќе партии, невладини, и пошироката демократска јавност, со цел негова успешна имплементација.

– Доколку се остави за суштинските прашања во земјата да одлучуваат само две партии, ќе се даде легитимитет на бипартиски и бинационален принцип, кој е и дел од причините за кризата, што ќе предизвика уште поголема поделеност на македонското општество,смета ДОМ.
Партијата има 8 конкретни барања до работната група за преговори, во делот на демократијата, човековите права и слободи, правната држава, екологијата и одржливиот развој:
1) Да се вклучат и други партии заради промена на изборниот модел во една изборна единица со отворени листи. ДОМ е уверен дека Република Македонија може да биде функционално и демократско мултикултурно општество само ако политичкиот систем овозможи широка партиципативна демократија, со реално застапување на интересите на сите граѓански групи во Парламентот.
2) Под итно да сопре неовластеното прислушкување и секој вид политички притисок, а УБК и МВР да се стават под парламентарна контрола.
3) Да се овозможи пристап до правдата за сите граѓани, преку итна ревизија на сите судски процеси за кои има индиции дека биле монтирани преку судии и обвинители кои работеле по политички диктат или од криминални мотиви. Тие лица да се изземат од следни случаи, се до правна разрешница во која ќе се утврди целосната вистина.
4) Темелно да се испита содржината на „бомбите“ и низ правно издржани процеси да се утврди дали и кој има вина, дали и кој отуѓил пари и доколку некој го сторил тоа, да одговара, а парите да се вратат назад во буџетот на Република Македонија.
5) Да се спречи еколошка криза, која е поврзана со проблемите во владеењето на правото и бара итен политички договор, за државата да тргне по одржливи патеки.
– До изборите да сопрат редица негативни процеси што и штетат на животната средина, како што е уништувањето на зеленилото и реализација на проблематични планови за кои имаше бура од реакции во јавноста, како урбанизација на Водно, Охридското крајбрежје, Галичица, Маврово, Лазарополе и други заштитени подрачја.
– Да се даде приоритет на еколошките политики во поглед на загадување на воздухот, водата и почвата, во интерес на здравјето и животната средина.
6) Да не се попречуваат позитивни економски текови, кои водат кон одржлив и регионално рамномерен развој, а се однесуваат на еколошки незагадувачки дејности.
7) До изборите да се замрзнат плановите за изградба на контроверзни објекти за кои постои силно несогласување меѓу граѓаните, како што е „барокен“ ГТЦ, шпански скали, мегаломански споменик на хуманистката Мајка Тереза и сл., за да се избегнат нови тензични ситуации.
8) Да се овозможи пристап до медиумите за сите политички и неполитички субјекти, кои покренуваат теми што ги засегаат граѓаните.