Поранешниот американски претседател Доналд Трамп можеби повеќе не е активен на Твитер, но неговиот син Доналд Трамп Џуниор е. А тој со објава на таа социјална мрежа ја критикуваше американската воена помош за Украина, која досега, според него, ја чинеше неговата земја десетици милијарди долари.
„Откако украинска ракета го погоди сојузникот на НАТО – Полска, можеме ли барем сега да престанеме да трошиме милијарди за да ги вооружуваме?“, напиша Доналд Трамп помладиот.
Since it was Ukraine's missile that hit our NATO ally Poland, can we at least stop spending billions to arm them now?
— Donald Trump Jr. (@DonaldJTrumpJr) November 16, 2022
Од друга страна неговиот татко најави нова трка за Белата куќа.
Доналд Трамп, 45-тиот американски претседател, кој ја извршуваше функцијата од 2017 до 2021 година, денеска официјално ја поднесе својата кандидатура за следните претседателски избори во САД во 2024 година.
За 76-годишниот Трамп тоа ќе бидат трети претседателски избори во неговата политичка кариера. Тој победи на прелиминарните избори и стана претседател, додека во 2020 година загуби од Џо Бајден, актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави.
Евентуалното доаѓање на Трамп на власт дополнително би ја искомплицирало војната во Украина, а тоа го потврдува и најавата на неговиот син, кој очигледно е против американска интервенција.
Вчера, да потсетиме, проектил падна на територијата на соседот на Украина, на само неколку километри од границата. Поради овој настан беше свикан итен состанок на членките на НАТО, а заклучокот беше дека најверојатно не се работи за намерен напад и дека проектилот најверојатно бил украински.