Донарума се прости од навивачите: Најдлабоките чувства тешко можат да се изразат со зборови

од Stefanija Kuzmanovska

Џиџи Донарума ја освои европската титула во неделата, а оваа недела ќе се врати на клупските должности, што во неговиот случај носи голема промена. Италијанскиот голман го напушта Милан како слободен агент и заминува во ПСЖ.

Сапуницата за неговата иднина траеше со месеци. Навивачите на Милан веќе се помирија со фактот дека од следната сезона нема да го имаат младиот човек подрамката кој пристигна во клубот на 14 и дебитираше на 16 години, а донекаде ќе бидат утешени со тоа што не избра еден од ривалите од Серија „А“ – Јувентус.

Пред да замине за Париз, Донарума реши да се прости од фановите на Милан на Инстаграм.

„Некои избори се тешки, но тие се дел од растењето. Пристигнав во Милано кога бев малку постар од дете, го носев овој дрес со гордост осум години, се боревме, страдавме, победувавме, плачевме, славевме со соиграчите, тренерите, сите што се дел од клубот, со навивачите, кои се клучен дел од она што е мое семејство со години.

Во дресот на „росонерите“ постигнав и лични цели, како моето деби во Серија „А“ на 16 години. Живеев неверојатни години кои никогаш нема да ги заборавам.

Сега е време да се збогуваме, избор што навистина не беше лесен и оваа објава секако не е доволна за да се објасни. Можеби дури не е можно да се објасни затоа што најдлабоките чувства тешко можат да се изразат со зборови. Можам само да кажам дека понекогаш е правилно да се изберат промени, да се соочиш со различни предизвици, да растеш и да се надополнуваш едни со други.

Сите „Росонери“ што ги сретнав, од првиот до последниот ден, секогаш ќе останат во моето срце како важен, клучен дел од животот во кој станав тоа што сум.

Му посакувам на Милан секаков можен успех со сето свое срце затоа што чувствата што ме врзуваат за овие бои ниту далечина, ниту време, можат да ги избришат“, напиша Донарума.

ПСЖ сè уште не го објави официјално трансферот, но по ова соопштение од Донарума, јасно е дека тој е готов. Италијанските медиуми пишуваат дека голманот потпишал петгодишен договор со парижаните.

Слични содржини