„Донесете ми ја сумата, без имињата на должниците, кои долго време се задолжени во вашата продавница за да ги платам нивните долгови“, била пораката што деновиве ја добила една мала локална продавница во црногорскиот пристанишен град Бар.
Според локалниот портал „Једро“, анонимен донатор кој живее во странство ги подмирил сите заостанати долгови во продавницата „Кобра“ во износ од 500 евра, плаќајќи долгови кон луѓе од сите вери и нации кои биле во тетратката за долгови на сопственикот на продавницата.
Подоцна беше разјаснето дека анонимниот донатор сакал да ги израдува своите поранешни сограѓани за време на Рамазан, најважниот месец во исламот.
Припадниците на сите три доминантни религии на овие простори живеат со векови во Бар.
Според последниот попис од 2011 година, околу 60 проценти од жителите на тој град се изјаснуваат како православни, околу 30 проценти се членови на исламот, додека близу осум проценти се католици.