Владата на Република Северна Македонија на денешната 128 седница донесе повеќе одлуки и заклучоци кои се однесуваат на договорите и меморандумите што треба да бидат потпишани на претстојната сесија на иницијативата „Отворен Балкан” којашто е предвидено да се одржи на 22 декември во Тирана, а коишто се однесуваат на остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Албанија и Србија, како и на соработката на царинските и фитосанитарните управи на овие земји.
На денешната седница на Владата е утврден текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
-Со предлог измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се врши усогласување на законски одредби од законот со најдобрите даночни трендови од аспект на оданочување на меѓуграничниот промет на услугите како и спроведување на програмата на Владата.
Имено, со предлог измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се врши доуредување на одредбите кои го дефинираат местото на прометот на услуги, се воведува терминот даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган, со цел ефикасна примена на придобивките од заеднички царински контроли, соопштија од Влада.