ДПИ ќе провери дали е постапено по заклучоците за приредбата на која деца носеа импровизирани пушки и униформи од УЧК

од Milan1
26 прегледи

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска одговарајќи на новинарско прашање за случајот со приредбата на ученици со импровизирани пушки и униформи во Основното училиште „7 Март“ во Челопек, потенцираше дека Државниот просветен инспекторат (ДПИ) донел заклучок директорот да преземе дисциплинска постапка кон наставничката, а препорака кон градоначалникот да преземе соодветни мерки за директорот, при што ќе отиде повторно да види што е направено. Таа најави спроведување на обуки за мултиетничност кон крајот на јануари.

– ДПИ постапи и мислам дека тоа не е наредба, туку е заклучок или решение. Директорот требаше да преземе дисциплинска постапка кон одредена наставничка, јас не знам која е, а исто така има и препорака за градоначалникот да преземе соодветни мерки за директорот. ДПИ ќе оди повторно да види што е направено. Овие процеси бараат време. Тие се со рокови по закон, рече Јаневска која денеска беше во посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово.

Таа најави проект кој ќе се спроведува со ОБСЕ во повеќе училишта низ земјата. Станува збор за обука за мултиетничност, мултинационалност, за соработка и за соживот. Како што посочи, обуката ќе почне да се спроведува кон крајот на јануари

-Обуките ни се поважни од казните. За децата да разберат дека ние сме еднакви луѓе, имаме еднакви права и еднакви можности, додаде Јаневска.

На Денот на албанското знаме – 28 Ноември, во училиштето „7 Март“ во Челопек беше прикажана приредба на деца кои носеа импровизирани пушки, облечени во униформи од УЧК.

Државниот просветен инспекторат изврши контрола на 2 декември, при што беше утврдено одговорност да понесе една од наставничките, која била организатор на приредбата.

Слични содржини