Др.Даниловски: Конечно е дојдено време граѓаните поопуштено да се посветат на празнувањата

од Берта Китинска
671 прегледи

Ковидот е присутен, но циркулира со далеку помал интензитет отколку порано. Затоа, мерките се олабавени. Конечно е дојдено време граѓаните поопуштено да се посветат на празнувањата. Ризици постојат, но пред сѐ, за постарите граѓани и за оние со хронични здравствени проблеми. Оттаму, јас до нив би апелирал да си носат маски во гужвите околу и во храмовите, вели во разговор за „Локално“, проф.др. Драган Даниловски.

Епидемиологот смета дека по празниците, можно е да се дојде до благо зголемување на бројот на нови случаи, но, тоа не ќе може да влијае на влошување на епидемиолошката ситуација во земјата.

-Уште од 7 март се наоѓаме во т.н. зелено (ниско) ниво на ковид-19 во заедницата, според критериумите на Центрите за контрола на болести на Америка (ЦДЦ), објавени на 4 март. Тие имаат воспоставено три нивоа – ниско, средно и високо (или зелено, жолто и портокалово), со комбинирање на три параметри: бројот на нови хоспитализации во изминатите 7 дена на 100.000 население, процентот на зафатени болнички кревети со ковид пациенти и бројот на нови случаи во изминатите 7 дена на 100.000 население. Новите хоспитализации и процентот на зафатени болнички кревети го претставуваат моментниот потенцијал за оптоварување на здравствениот систем, објаснува тој.

Даниловски вели дека бројот на новите случаи служат како индикатор за рано предупредување за потенцијално зголемување на оптоварувањето на здравствениот систем.

-Сите наведени параметри кај нас се во опаѓање. Вкупниот број хоспитализации во изминатите 7 дена (14-21 април) е 3 на 100.000 население (критериум е под 10), процентот на исполнети кревети е 3,6% (критериум е под 10%), вкупниот број нови случаи во изминатите 7 дена е 37 на 100.000 население (критериум е под 200). Според тоа, се наоѓаме длабоко во зелената зона. По празниците, можно е да дојде до благо зголемување на бројот на нови случаи. Но, тоа апсолутно не може да влијае на влошување на епидемиолошката ситуација. Стивнувањето на епидемијата на КОВИД-19 во Македонија е незапирлив процес. Ковидот кај нас е „завршена приказна“. Тој полека, но незапирливо, стреми да се сведе на ендемско заболување, кое ќе си „крева глава“ сезонски, исто како грипот и обичните настинки, подвлекува епидемиологот.

Тој потенцира дека ако дојде до појава на нови варијанти на вирусот, нивото на стекнатата колективна заштита која сега е проценета на преку 90 проценти, нема да дозволи да дојде до настанување на „огнена стихија“.

-Еве еден интересен факт за постарите граѓани (пензионери), кои се прашуваат колкави им се ризиците да се заразат од ковид, во ситуација кога се релаксирани сите мерки. Треба ли понатаму да живеат во страв? Според еден математички модел, ако бројот на нови случаи во изминатите 7 дена на 100.000 население е помал од 50 (а кај нас е веќе 37), тогаш, индивидуалниот ризик да се заразат со ковид е околу еден процент, но само ако интензитетот на социјалните контакти им е следниот: да излегуваат само два пати неделно на пазарување, ако само два пати неделно се дружат со пријатели или одат на спортски натпревар, само еднаш во неделата ако се возат во јавен сообраќај, ако немаат дома тинејџери. Еден процент за заразување е занемарлив ризик. Поинтензивните социјални контакти пропорционално ќе го зголемат ризикот, се разбира. Оттаму, ако имаат и некои хронични болести, сепак е препорачливо во ризични ситуации (затворен јавен простор) тие граѓани да си носат маски. Но, дефинитивно, место за страв не постои, објаснува докторот.

Неопходно е луѓето да бидат запознаени што добиваат со вакцинацијата, смета Даниловски потенцирајќи дека треба точно да се каже дека вакцините навистина не штитат од заразување, но дека спасуваат живот.

-Треба да се објасни дека „трета“ доза прави огромна разлика во однос само на две дози, особено за постарите од 50 години и оние со хронични болести (без оглед на возраста). Дека заштитата од вакцините не е вечна – дека не трае повеќе од 3-5 месеци. Дека, заради тоа, пожелно е есента да се пречека што поподготвено, односно летово да се искористи за вакцинација.Како да се комуницира со луѓето? Мислам дека е потребна агресивна медиумска кампања, каква што, во моментов, практично не постои. Исцрпната и точна информација е она што е потребно, а не методи на принуда. Факт е дека социјалните мрежи имаат огромно влијание. Факт е дека преку нив голема „гласност“ добиваат најразлични дезинформации за вакцините, теориите на заговор. Науката ја губи информатичката битка! Граѓаните се збунети и лесно потпаѓаат под влијание. Се покажа – не само кај нас – дека социјалните мрежи имаат извонредно силно влијание врз намалување на довербата во надлежните институции. Потребна е огромна посветеност и напор да се смени таа ситуација – не само кај нас.Но, едно е јасно. Само кога граѓанинот ќе располага со аргументирани, научно поткрепени информации, тој ќе биде во состојба самиот да си донесе одлука како да постапи. Засега, огромен број граѓани си носат одлуки врз основа на најразлични информации од социјалните мрежи.Посебен акцент во кампањата треба да се стави на ризичните групи – постарите од 65 години и хронично болните, смета Даниловски.

Во врска со пристигнувањето на вкацината Џонсон&Џонсон во земјата, епидемиологот појаснува дека според најновите податоци од САД, оваа вакцина обезбедува повисока заштита од заразување од Фајзер и Модерна.

-Се работи за вакцина со аденовирусен носач (вектор), апсолутно аналогна на Астра Зенека и Спутник В. Карактеристично е дека се дава само со една доза, што е многу практично. До неодамна се мислеше дека оваа вакцина обезбедува послаба заштита во однос на Фајзер и Модерна. Но, најновите податоци од САД (22 јануари) покажуваат нешто сосема друго. Се покажало дека невакцинираните лица имале 3,2 пати поголема веројатност да се заразат од оние кои примиле единечна доза вакцина Џонсон&Џонсон. Невакцинираните имале 2,8 пати поголема веројатност да се заразат од оние кои примиле две дози Модерна и 2,4 пати поголема веројатност од оние со две дози Фајзер. Произлегува дека вакцината Џонсон&Џонсон обезбедува повисока заштита од заразување од Фајзер и Модерна. „Бустер“ дозите се покажало дека имале приближно иста ефикасност против заразување кај сите три вида вакцини. Ова води до заклучок дека тоа што ќе го имаме на располагање и Џонсон&Џонсон е одлична вест, вели тој.

Б.М./А.М.

Слични содржини