Др.Киријас: Брзината на создавање антитела не е мерка за одредување на ефикасноста на вакцините

од Берта Китинска
1,2K прегледи

Се наоѓаме во ситуација кога личната одговорност на секоја индивидуа е многу важна. Почитување на мерките на превенција, носење маска, одржување дистанца и често миење раце, заедно со вакцинацијата се мерки кои единствено можат да помогнат во нагло ширење на делта варијантата, вели во интервју за „Локално“, професор др. Мери Киријас од Институт за имунобиологија и хумана генетика.

Таа напоменува дека во оваа ситуација потребно е веднаш да се направи изолација на индивидуите кај кои  ќе се потврди присуство на вирусот, додавајќи дека: „Под најголем ризик се граѓаните кои се уште не се вакцинирале и не ја прележале болеста“.

Во врска со ефикасноста на кинеските вакцини, др.Киријас објаснува дека дел од населението кое примило од овие две вакцини може да не развие задоволителен имунолошки одговор.

-Eфикасност на вакцината Синофарм е околу 70%, а на Синовак се движи меѓу 51-70% за развивање на симптоматска болест. Заштитата од тешка клиничка слика и смртен исход е уште поголема. Со тоа може да заклучиме дека дел од населението кое ќе прими некоја од овие две вакцини може да не развие задоволителен имунолошки одговор. Токму поради тоа потребно е што поголем процент на населението да биде имунизирано, за индиректно и тие граѓани да бидат заштитени од евентуално заразување, вели таа.

Дали делта сојот може да предизвика пробивање на имунитетот во оваа ситуација каде големи се шансите на негово ширење во земјава и кој е под најголем ризик?

Во моментов во над 100 земји во светот е детектирана делта варијантата на САРС-Ков2 вирусот и претставува глобална закана. Земји кои имаат поголем број на вакцинирано население имаат пораст во бројот на новооткриени случаи заради полесното ширење на оваа варијанта, но и поради фактот што се уште има осетливо население кое е невакцинирано и може да се зарази. Во нашата земја целосно вакцинирано (со две дози) е само околу 11% од населението, а со почетокот на годишните одмори и патувањата во други земји, можностите за појава и ширење на делта варијантата во нашата земја се големи. Во отсуство на други мерки, личната одговорност на граѓаните при патување во земји каде е раширена оваа варијанта е посебно важнa за да се успори неговото ширење во нашата земја. Под најголем ризик се граѓаните кои се уште не се вакцинирале и не ја прележале болеста.

Веќе е регистиран и 4-тиот случај со делта сојот во земјва, експертите велат дека тој во наредниве месеци може да стане доминантетн и во Македонија.Дали би можеле да очекува уште еден силен бран со оглед на тоа дека овој сој бргу се шири,а кај нас се опуштени скоро сите мерки?

Искуството на другите земји во светот кои се борат со делта варијантата покажува дека во рок од неколку недели по идентификувањето на првиот случај таа станува доминантна во популацијата. Кај нас се уште постои голем процент од населението кое не е имунизирано и со тоа осетливо на евентуална зараза со коронавирусот. Интересно е да се забележи дека во земјите каде голем процент од населението е имунизирано, бројот на нови случаи расте, но истиот не е следен со пораст во бројот на хоспитализирани и смртни случаи. Затоа сметам дека масовната имунизација е таа која може најмногу да помогне во спречување на наглото ширење на делта варијантата.

Со регистрираниот случај на делта во Велес повеќе доктори предлагаат каратин на градот.Дали можеби е ова едно решение за да се следат контактите и да се запре неговата трансмисија?

Мислам дека во моментов тоа не е можно. Се наоѓаме во ситуација кога личната одговорност на секоја индивидуа е многу важна. Почитување на мерките на превенција, носење маска, одржување дистанца и често миење раце, заедно со вакцинацијата се мерки кои единствено можат да помогнат во нагло ширење на делта варијантата. Исто така и изолирање на индивидуите веднаш чим ќе се потврди присуство на вирусот или по сомнителен контакт.

Институтот за медицински истражувања во Белград со свотето истражување спорведено во мај месец објави дека 20 oтсто од вакцинираните со Синофарм во Србија не развиле антитела и тоа се главно постари од 70 години. Кај нас со оваа вкацина беа имунизиран исто така лицата под 65 години. Оттука прашањето е дали од двете кинески вакцин кои се сличин може да не се појават воопшто антитела кај одредена група лица?И дали на лицата кои немаат создадено антитела по две дози треба да им се даде трета од истата вакцина или можеби вакацина од друг производител?

Објавената ефикасност на вакцината Синофарм е околу 70%, а на Синовак се движи меѓу 51-70% за развивање на симптоматска болест. Заштитата од тешка клиничка слика и смртен исход е уште поголема. Со тоа може да заклучиме дека дел од населението кое ќе прими некоја од овие две вакцини може да не развие задоволителен имунолошки одговор. Токму поради тоа потребно е што поголем процент на населението да биде имунизирано, за индиректно и тие граѓани да бидат заштитени од евентуално заразување. Прашањето за апликација на трета доза е многу актуелно во научните кругови и е во фаза на испитување. За сега нема препорака за апликација на трета доза од истата или вакцина од друг производител.

Според досегашните податоци спроведени на Институтот која вакцина дава најбрз имун одговор и дали количината на произведени антитела се вредност за тоа дека сме повеќе или помалку заштитени од ковид 19?

Брзината на создавање имун одговор односно антитела не е мерка за одредување на ефикасноста на вакцините и никогаш не е анализирана во ниедна студија. Обично се одбираат неколку точки во кои се следи создадениот имун одговор. Постојат индивидуални разлики во брзината на создавање на имуниот одговор, но две недели по втората доза е периодот кој се означува како период во кој се создал имуниот одговор. Мерењето на антитела по вакцинацијата не е потребно и не е пракса која се препорачува. Постојат повеќе платформи за испитување на антителата, чии резултати тешко е да се споредуваат и затоа не постои светски консензус во однос на тоа кои вредности даваат поголема или помала заштита од КОВИД 19.

Во Македонија има околу 220.000 ученици во основното и средното образование. Др.Нико Беќаровски предложи сите овие деца да се тестираат пред почетокот на новата учебна година.Ваш коментар дали овој предлог може да се спроведе и дали ќе ни даде јасна слика за тоа колку од децата имаат присуство на антитела кон SarsCov-2?

Мислам дека тешко е да се организира ваков предлог. Начинот на организирање на наставата од септември ќе зависи од моменталната епидемиолошка состојба, а не од процентот на деца кои имаат развиено антитела.

Знаејќи го фактот дека децата се преносители на вирусот.Дали можеме да постигнеме колективен имунитет без вакцинација на децата?

Прашањето за вакцинација на децата во научните кругови и од производителите беше поставено пред неколку месеци. Иако симптоматологијата е генерално полесна кај помладите индивидуи сепак тие лесно го шират вирусот. Појавата на нови варијанти кои полесно се шират меѓу населението го зголемија процентот од популацијата кој треба да биде вакциниран со цел да се постигне колективен имунитет. Токму поради тоа по објавувањето на резултатите од клиничките студии со кои се потврди ефикасноста и безбедноста на вакцината кај адолесценти на возраст од 12-18 години во многу земји во светот се започна со вакцинација на оваа категорија граѓани. Секогаш целта е да се заштити што поголем процент од населението, а на тој начин и побрзо да се стави крај на пандемијата на САРС-Ков2 вирусот.

Институтот во февруари спроведе истражување во кое беше утврдено дека 30 отсто од населението има имунитет.Дали имате нови податоци по третиот пик и дали според вас во брзо време ќе стекнеме колективен имунитет со оглед темпото на вакцинација?

По завршување на нашето испитување започна пролетниот бран кој се одликуваше со голем број на новозаразени индивидуи. Во истиот период во нашата земја започна и имунизацијата. Заради тие две причини потешко е да се одреди процентот на населението кое има имунитет. Приоритет во следниот период треба да биде вакцинација на што поголем процент од населението се со цел да се спречи појава на нов пик на есен.

Б.М.

Слични содржини