Доктор Горан Кунгуловски од Клиниката „Жан Митрев“ на својот Фејсбук го сподели искуството откако ја прими вакцината на „Фајзер“ .
Пред точно 15 дена ја примив првата доза на мРНК вакцината од Pfizer/BioNTech. Пред вакцинација мојот квантитативен тест за IgG беше негативен.
– Првата недела после вакцинација, мојот квантитативен тест за IgG беше повторно негативен.
-Втората недела после вакцинација, мојот квантитативен тест за IgG беше позитивен, 515 AU/ml (реактивност се смета за >50 AU/ml кај овој тест). Значи вакцината делува како што и се очекува според научната литература и мојот имун систем започнал со производство на антитела. Ќе правам вакви тестови секоја недела или на две недели во наредната година или две, со цел утврдување на динамиката на антитела кај мене (персонализиран пристап).
Бидејќи вакцините не се 100% ефикасни, мојата препорака е сите вакцинирани луѓе доколку се во можност да направат тест за IgG (против spike протеинот) две или три недели после првата доза и недела дена после втората доза на вакцината. Доколку не се во можност да направат две тестирања, нека направат само едно, недела дена после примање на втората доза со цел да се осигураат дека имале соодветна имуна реакција како резултат на вакцината.
Кога сме кај тестови за антитела, луѓето што имаат прележано COVID-19 кажуваат бројки, пр. јас имам антитела 3, јас имам антитела 30, јас имам антитела 15. Што, краставици, патлиџани?
Мерната единица AU/ml значи arbitrary unit per ml, односно арбитрарни единици на милилитар и се одредени од производителот на тестот. Кај еден производител значат едно, кај друг, друго. На пример, 50 AU/ml во ЖМК може да биде исто со 500 AU/ml во Биотек. Зависи од тоа како производителот ја одредил мерливоста на тестот.
Некогаш среќавате COI во тестот (cuttof index) што е исто така одредено од производителот на тестот. COI од 1.5 може да е еквивалентен на COI од 0.5 во Avicena. Значи, истата логика.
Затоа апсолутните бројки од различни тестови во различни лаборатории (кои најчесто се полу-квантитативни) не треба да се земаат како референца за јачина на имун одговор, како препорака за вакцинирање vs невакцинирање.Бидете здрави и паметни, напиша Кунгуловски.