Компанијата Drako Motors неодамна ја одржа премиерата на својот нов модел, електричниот хипер-SUV – Dragon.
Dragon SUV со gullwing врати е заснован на архитектурата Drako DriveOS на компанијата и се одликува со Drako DriveOS Quad Motor погонски систем. Станува збор за поставка со четири електромотори и вкупно 2000 КС. Според најавите, ова ќе овозможи забрзување од 0 до 96 km/h за 1,9 секунди.
Максималната брзина на ова тешко возило од 2254 kg е повеќе од 200 милји на час (322 km/h), додека четвртина милја (402 метри) може да се помине за 9,0 секунди. Што се однесува до опсегот, Dragon може да помине до 676 km со едно полнење.
Dragon е долг 5054 mm, поставен на тркала од 23 инчи и нуди простор за пет патници во кабината.
Пакетот вклучува и 17,1-инчен екран на допир, дигитална инструмент табла, два екрани за камери кои ги заменуваат ретровизорите и два големи таблети на потпирачите за грб на задните седишта.
Возилото има и прилагодлива суспензија, додека за запирање се грижат карбон-керамичките сопирачки.
Drako Motors веќе прифаќа резервации за првата серија од 99 возила. Цените започнуваат од 290.000 долари, но испораките нема да започнат до 2026 година. Планот е подоцна да се произведуваат 5.000 примероци годишно.