Со претставата „Драми на принцезите“ Драмски театар гостува во сабота, (први февруари) во Словенија, на словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА, што се одржува од 29 јануари до 3 февруари во организација на Местно гледалишче Љубљана.
„Драми на принцезите“ е претставата работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска.
Во претставата играат Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Сара Кимовска, Трајанка Илиева Вељиќ, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева.
Во уметничкиот тим што работеше на претставата е трочлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија. Режијата е на Жива Бизовичар, прв драматург е Ник Жнидаршиќ. Втор драматург и редакција на превод е Викторија Рангелова – Петровска. Сценограф и автор на музика е Јан Крмељ. Костимите се на костимографот Александар Ношпал.
Премиерата на „Драми на принцезите“ беше на 15 ноември 2024 година и досега е изведена шест пати на сцена „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.
Гостувањето во Местно гледалишче Љубљана е прва изведба на претставата во странство.