Дрекслер ја посети фабриката „Дрекслмајер“ во Кавадарци

од Vladimir Zorba
286 прегледи

Амбасадорката на Сојузна Република Германија Петра Дрекслер ја посети фабриката „Дрекслмајер“ во Кавадарци. Амбасадорката се запозна со принципите и вредностите врз основа на кои се темели работењето на компанијата, а преку воведна презентација се запозна и со најважните моменти од основањето на компанијата, но и со тековните и идните стратешки проекти.

Дрекслер беше дочекана од страна на менаџментот на компанијата, а за време на обиколката низ фабриката предводена од страна на Генералниот менаџер Лукас Мирингер, таа доби целосна слика за производствените активности кадешто се произведуваат производи наменети за премиум сегментот во автомобилската индустрија.

-Особено ни е драго што имавме можност да ѝ посакаме добредојде на амбасадорката Дрекслер во нашата фабрика во Кавадарци. На средбата разговараме за најважните аспекти за нашата компанија кои се фокусираат на нашите вработени, а таа доби сознанија и за идните проекти, перспективи и планови, рече Мирингер.

Дрекслер беше запознаена со бројните проекти за поддршка на регионот и заедницата иницирани и реализирани од страна на „Дрекслмајер“ со целосна поддршка од страна на вработените во компанијата. Амбасадорката беше особено заинтересирана да поразговара и со учениците кои посетуваат практична настава според германскиот модел на дуално стручно образование којашто се реализира во специјализираната училница во рамки на фабриката.

-Стекнав одличен впечаток за целокупната организација на „Дрекслмајер“ во Северна Македонија. Добро е што има германски компании овде во земјата кои се залагаат за општествено одговорно претприемништво. За една компанија која е странска инвестиција, особено е значајно што преку различни проекти и форми на соработка придонесува за развојот на економијата, а со тоа остварува поддршка за регионот и заедницата кадешто делува. Иднината, секако, е во рацете на младите луѓе. Драго ми е што „Дрекслмајер“ го препознава тоа и преку успешно спроведување на германскиот модел на дуално стручно образование придонесува за создавање перспективи за иднината на младите луѓе и истовремено создава кадри кои ѝ се потребни на соодветната индустрија, истакна амбасадорката Дрекслер.

Ова е прва посета на амбасорката на Сојузна Република Германија во земјава по преземањето на функцијата во април годинава.

„Дрекслмајер“ е германска инвестиција која во земјава функционира повеќе од 10 години.

Слични содржини