„Дрва и камења“ по лекарската фела, д-р Пановски: Народот сака да се испразни, властите реагираат трагично со инспекции, „опозициските“ доктори бесрамно користат случаи за политички поени

од Nikola Popovski
361 прегледи

После неодамнешните смртни случаи во Битолската клиничка болница, критиките кон лекарите и нивната фела добија загрижувачка димензија. Се повикува на јавен линч и навреди, како и неосновани обвинувања за сторена лекарска грешка. Од Лекарската комора го осудија ваквото однесување на дел од граѓаните, истакнувајќи дека атмоферата која се креира во јавноста покажува дека е потребно итно носење на посебен закон за заштита на докторска дејност со кој ќе бидат регулирани правата и обврските на докторите. Уште поодамна беше побарано од надлежните министерства допрецизирање на законските одредби во случај кога е нападнат лекар или здравствен работник и доследно спроведување на казнените одредби во случаи кога има напад на здравствен работник. Потенцираат дека здравствените работиници се најважниот чинител на здравствениот систем поради што треба да бидат заштитени и предупредуваат на глобален недостиг на овие профили на пазарот на трудот.

Останува прашањето зошто постојано се вперува прстот во медицинските работници и од каде потекнува ова незадоволство? Според докторот и поранешен директор на Фондот за здравство, Никола Пановски народот е незадоволен, гневен, бесен од сивото секојдневие и сака да се испразни. Во разговор за „Локално“ објаснува дека вниманието на народот е насочено кон докторите, политичарите, судиите, бизнисмените.

д-р Никола Пановски

-Сеедно, сите се на отстрел, и шуто и рогато. При тоа дел од „критичарите“ се крајно вулгарни и прости. Тоа што порано го слушав на Градскиот стадион, кога Вардар играше во Првата лига на СФРЈ, сега се случува на социјалните мрежи. Тогаш главна мета беше судијата, целото негово семејство, но еден натпревар на трибините, кој ќе опцуе посочно добиваше аплауз и честитки. Тоа траеше два часа и толку. Немаше никакво влијание врз нашиот живот. Сега трае 24 часа и е многу опасно за сите, во случајов за докторите и нивната безбедност, вели д-р Паноовски.

Смета дека дека порталите и медиумите имаат исклучително големо влијание врз докторите и здравствените работници.

-Тие се доведени во состојба на страв дека некое дете може да им умре додека се дежурни. Доведени во состојба да избегнуваат да носат храбри одлуки. Сигурен сум дека сега уште повеќе ќе се зголеми бројот на препраќање на пациенти, особено на деца кон Скопје, за секој случај, порачува докторот.

Го коментира и случајот со починатото новороденче во Битолската клиничка болница.

-Во земјава смртноста на новородените е околу 10 промили. Така да, од околу 20000 новородени годишно, во првиот месец од животот умираат околу 200 бебиња, скоро сите во болница. Сега се објавува за едно, во Битола, а каде се другите 199? Имаме директен пренос како дете умира од туберкулоза, па луѓето мислат дека туберкулозата е одамна искоренета, па се чудат кога ќе им кажеш дека во САД, една од најуспешните земји за контрола на оваа болест, умираат стотици деца од туберкулоза годишно. Овде се објавува дека некој добил сепса од болничка бактерија, како главна вест на вести на национална телевија, а ги има неколку илјади годишно. Кога на новинарите ќе им кажам дека годишно во Данска, најуспешната земја во светот за контрола на болнички инфекции, има над 10 000 докажани случаи со изолирана бактерија во крвта на пациентите, секоја година, тоа новинарите го премолчуваат, зошто тој податок ја прави нивната сензационалистичка вест безвредна, порачува Пановски.

Според него, најтрагично е, што властите реагираат по такви вести, со некакви инспекции и мерки кои врска немаат со случајот.

-Каква врска има дали докторот напишал или не отпусно писмо, со смртта на новороденото во Битола, а докторот, кој нема врска со самото породување веќе е „осуден со казна бесење на Широк сокак“. Опозиционите доктори пак бесрамно ги користат овие случаи да добијат политички поени. Кога јас бев дете, имало и по 10 000 случаи на морбили годишно, зошто немаше вакцина. Во некој години умираа по десетици, па и до 100 деца годишно во Македонија. За ниту еден случај не објавуваше единствената ТВ и двата единствени весници, ниту пак за болнички инфекции стануваше збор. Единствената СКЈ и СКМ такви инфорнации не дозволуваше. И сега, перцепцијата е, тогаш здравството било одлично, сега е за никаде. Ни едното ни другото не е точно, истакнува соговорникот.

Околу барањето на Закон за заштита на докторската дејност, д-р Пановски вели дека бил готов уште пред 20 години, а се уште не е донесен.

-Како Лекарската комора го дозволила ова? Секако дека е потребен, доколу истиот понатаму би се почитувал. Имаме Закон за правата на пациентите, дали тие воопшто го знаат ова, дали, еве години по негово донесување, пациентите се позаштитени? Треба доверба, почитување и кон докторите и кон пациентите, вака, со генерални напади врз сите, се дестимулираат вистинските професионалци, дециден е д-р Пановски.

Н.П.

Слични содржини