Државниот секретар Блинкен: Америка се врати

од Vladimir Zorba
169 прегледи

„Америка се врати“ и е целосно ангажирана во помагање во решавање прашања, вклучувајќи ги пандемијата, климатските промени и иранските нуклеарни амбиции, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен за Би-Би-Си.

Во своето прво меѓународно интервју, Блинкен ја истакна важноста на глобалната вакцинација против Ковид-19.

Тој исто така ја критикуваше Кина за недостаток на транспарентност во откривањето на начинот на настанување на коронавирусот.

Посочи и дека завршила политиката на Доналд Трамп, позната како „Америка на прво место“.

Блинкен даде интервју за Би-Би-Си за време на виртуелните сесии на најбогатите индустриски развиени земји Г7.

САД обезбедуваат 4 милијарди долари за програмата за вакцинација Ковакс, чија цел е да се испорача повеќе од две милијарди дози на луѓе во 190 земји за помалку од една година.

„Додека не се вакцинираат сите во светот, никој не е целосно сигурен, затоа што ако вирусот е таму и продолжи да се шири, тој исто така ќе мутира“, рече Блинкен.

„И ако мутира, тој ќе се врати и луѓето насекаде ќе бидат во опасност“, рече тој.

САД досега вакцинирале повеќе од 27 милиони луѓе. Сепак, во многу посиромашни земји, вакцинацијата допрва треба да започне.

Блинкен исто така ја обвини Кина дека не споделила информации што можат да го расветлат потеклото на коронавирусот.

Тим истражувачи од Светската здравствена организација поминаа четири недели во Кина во мисија за утврдување факти. Сепак, двајца експерти од тимот на СЗО последователно изјавија дека Кина одбила да даде целосен пристап до податоците што ги бараа.

Државниот секретар рече дека е потребен подобар здравствен систем за откривање на пандемии пред тие да се појават целосно.

– Од земјите се бара да бидат транспарентни. Од нив се бара да споделуваат информации. Од нив се бара да им дадат пристап на меѓународните експерти на почетокот на пандемијата – работи што за жал не сме ги доживеале од Кина – рече тој.

За време на Доналд Трамп, САД се откажаа од договорот со кој светските сили ги олеснија економските санкции кон Иран, за возврат, Техеран ги ограничи нуклеарните активности.

Сега САД дискутираат дали повторно да се приклучат на договорот. Претседателот Бајден во петокот рече дека Соединетите држави мора да соработуваат со другите големи сили за да ги зауздаат, според нив, иранските „дестабилизирачки“ нуклеарни амбиции.

Блинкен за Би-Би-Си изјави дека Соединетите Држави и нивните европски партнери повторно се „на иста страна“ за Иран.

„Претседателот Бајден е јасен веќе некое време: ако Иран се врати на своите обврски од нуклеарниот договор, и САД ќе го сторат истото“, рече тој.

Тој исто така рече дека САД тогаш ќе соработуваат со други земји со цел да му се спротивстават на Иран за други прашања, вклучително и неговото влијание во регионот и програмата за балистички ракети.

Слични содржини