Државниот врв на Израел му се закани на Хамас дека ќе плати за своите постапки

од Stefanija Kuzmanovska
357 прегледи

Поддржувачите на Хамас и „Исламскиот џихад“ ќе плаќаат висока цена за своите постапки, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на обраќањето пред граѓаните.

„Ние сме среде битка. Вчера и денес армијата изврши напад врз стотици цели на Хамас и Исламскиот џихад. Ликвидирани беа десетици команданти, вклучително и високи воени претставници. Ние продолжуваме да извршуваме напади. Имаше состанок и донесовме одлука. Хамас ќе плати, ќе плати висока цена за својата одлука за гранатирање на израелска територија. За оваа битка ќе бидат потребни време и трпеливост“, порача Нетанјаху.

Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц додаде дека нападот врз појасот Газа е „само почеток“.

Началникот на Генералштабот на Израел, Авив Кохави, објави дека е подготвен да ги прошири операциите во Појасот Газа, доколку е потребно.

„Ќе продолжиме да извршуваме напади и нема да оставиме ниту еден тунел (што го користат палестински екстремисти за напад врз Израел)“, рече Кохави.

Судирот меѓу израелската армија и Хамас кулминираше синоќа со ракетни напади врз израелскиот главен град Тел Авив, што ги исполни заканите на Хамас, кој со ракетирањето предупреди доколку продолжат нападите врз Газа. Нападите врз Газа продолжија и по ракетирањето на Тел Авив, кој во моментов ги санира последиците.

Слични содржини