Во Собранието на Република Македонија, составот на работните тела е одраз на бројот на пратеници, при што парламентарното мнозинство ги носи одлуките, често пати без поддршка од опозиционите партии. Така и при изборот на составот на комисиите, доколку не може да се постигне консензус, тогаш партиите што имаат мнозинство одлучуваат.
Во спротивно доколку опозицијата инсистира на мнозинство во комисиите и да раководи со истите, во тој случај ќе се случува блокада на работата на Парламентот.
Мнозинство може и треба да има опозицијата во комисите кои вршат контрола и надзор над службите за безбедност и институциите кои можат да вршат контрола над средствата за јавна комуникација (прислушување).
Со комисијата за избори и именувања и комисијата за имунитетско-мандатни прашања, секогаш раководеле пратеници од партиите кои имаат мнозинство во Парламентот.
Како и да е, парламентарната демократија има свои правила и тие правила во сите парламенти функционираат на исти начин.
Демократскиот сојуз укажува на потребата од разумно однесување, деблокирање на работата на Парламентот и избор на реформска Влада, како битен предуслов за стабилизирање на државата, нормализирање на животот на граѓаните и спроведување на коренити реформи, клучни за евроатланските перспективи на Македонија.