Демократскиот сојуз и изразува поддршка на министерката за култура Ирена Стефоска да побара од Владата да ги одземе ингеренциите на општините Охрид и Струга во делот на заштитата на културното и природното наследство поради непридржување кон стандардите на УНЕСКО, соопштија од партијата.
-Веќе подолго време е евидентно дека општините Охрид и Струга и покрај апелите од Владата и ветувањата на градоначалниците не ги остваруваат своите надлежности во делот на заштитата на културното и природното наследство, особено со толерирањето на дивоградбите и несовесното одобрување на градби кои ја загрозуваат животната средина и му нанесуваат трајна и непоправлива штета на културното и природното наследство на охридскиот регион.
Последен во низата настани е уривањето на објектот ресторан „Парк“ во Охрид, кој се наоѓа на 50 метри од самиот езерски брег, каде што со најновите градежни активности треба да никне неколкукратно погабаритен објект – голем хотелски капацитет, кој е спротивен на препораките на мониторинг мисиите на УНЕСКО, според кои треба да се запре со секаква урбана крајбрежна трансформација.
Поради опасноста ваквите активности да придонесат Охридскиот регион да го изгуби статусот на заштитено подрачје на УНЕСКО, Демократскиот сојуз ја повикува Владата да преземе итни и неодложни мерки за заштита на природното и културното наследство во општините Охрид и Струга и истовремено ја охрабрува министерката да ги повика на одговорност Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство, велат од ДС.