ДС: Законот за една изборна единица го помина првиот филтер

од Nikola Popovski
236 прегледи

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, ја отвори парламентарната расправа за предлог измените на Изборниот законик, со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел, без изборен праг и со Донтов начин на пресметка на бројот на пратеници, информираа денеска од Демократскиот сојуз (ДС).

Според партијата, во расправата учествуваа голем број на пратеници, меѓу кои и предлагачите на законот.

-Со измените на изборните правила ќе се демократизира државата, ќе се создадат услови за системски промени, со кои ќе се зајакне одговорноста на носителите на јавни функции, ќе се изгради ефикасен систем за борба против организираниот криминал и во носењето на круцијални одлуки ќе бидат вклучени повеќе партии и со тоа ќе биде поголемо влијанието на граѓаните.

Со измените ќе започне процес на демонтажа на монополот на „големите“ партии, кои донесоа изборни правила за “елиминација” од политичката сцена на помалите или новоформираните политички партии, а со тоа и плурализмот во Македонија.

Со овие измени само се започнуваат промените. Инаку потребни се коренити реформи, се со цел да се изградат услови за рамноправен политички натпревар и можност граѓаните да имаат избор на кого ќе му ја дадат довербата.

Со измените на Изборниот законик, не се предвидува изборен праг, но по јавната дискусија, како предлагачи подготвени сме за прифаќање на амандмани кои се во функција на подобрување на изборниот процес, изјави лидерот на ДС и пратеник Павле Трајанов.

За партијата изборите се најманипулативното средство на демократијата, затоа е клучно изборните правила дa бидат гарант за фер и демократски избори.

-По расправата, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, даде виза за натамошна постапка, со предлог, Парламентот да организира јавна дискусија во која ќе можат да се вклучат сите партии, невладиниот сектор, медиумите и сите други кои имаат интерес, како и ЕУ, ОБСЕ, ОДХР и други.

Трајанов очекува низ расправата разликите да се надминат и измените на законот да се донесат со консензус и огромно мнозинство од пратениците, стои во партиското соопштение.

Слични содржини