Дуа Липа доби албанско државјанство

од Nikola Popovski
290 прегледи

Претседателот на Албанија Бајрам Бегај вчера ѝ додели албанско државјанство на британската поп ѕвезда со албанско потекло Дуа Липа поради, како што рече, улогата на овој уметник во ширењето на имиџот на Албанците на меѓународно ниво преку музиката.

Бегај посочи дека Липа добила државјанство во пресрет на 110-годишнината од независноста на Албанија од Отоманската империја и дека тоа го смета за чест бидејќи Липа ги прославила Албанците ширум светот.

– Ќе бидам Албанка и на хартија – рече Липа пред да даде заклетва за државјанство во градското собрание во Тирана.

Липа е родена во Лондон во 1995 година од родители албански имигранти Анеса и Дукаџин Липа од Косово.

Липа, која почнала да пее на петгодишна возраст, била под музичко влијание на нејзиниот татко, поранешен пејач и гитарист на рок група.

Своите песни на Јутјуб почнала да ги прикачува кога имала 14 години.

Нејзиниот прв деби студиски албум беше објавен во 2017 година. Во 2019 година, таа освои Греми за најдобар нов изведувач.

Слични содржини