Полицијата во Дубаи, позната по својата импозантна флота на суперавтомобили, го доби новиот член на својот возен парк. Овој пат, станува збор за нешто поразлично и пофино — „Ролс-Ројс Кулинан“, модифициран од тјунинг куќата Менсори. Овој луксузен 4×4 беше официјално претставен на настан во Светскиот трговски центар во Дубаи. Иако полицијата во Дубаи располага со голем број на суперавтомобили, овој нов член на флота привлекува внимание со својата елеганција и моќ.
„Ролс-Ројс Кулинан“ не е возило што ќе се користи за бркање криминалци, но, според соопштението на полицијата, ќе го зголеми полициското присуство на клучните туристички дестинации во градот, како што се Бурџ Калифа и булеварот Шеик Мохамед бин Рашид.
Ролс-Ројс Кулинан е обоен во класичната комбинација од бела и темно зелена боја, која е веќе препознатлива за возилата на полицијата во Дубаи. Ова е второто возило што е тјунирано од Менсори за полицијата, а првото е познатото Мерцедес-Бенц Г63. Иако не се откриени сите детали за модификациите, јасно е дека автомобилот има нов преден браник со карбонски сплитер, специјални бандажи и продолжени лакови на тркалата.
Под капакот, 6,75-литарскиот двотурбо V12 мотор на Кулинан е модифициран и сега развива 619 КС. Ова ново возило е само уште еден доказ за опсежните и елегантни инвестиции што Дубаи ги прави во своето полициско возило, комбинирајќи луксуз, моќ и присуство на глобално ниво.