Во Емиратот Дубаи од денеска беше укинат данокот од 30 отсто за продажба на алкохол и беше овозможено бесплатно да се добијат потребните лиценци за продажба на алкохолни пијалоци, со што се затвори долгогодишниот извор на приход на владејачкото семејство Ал Мактум.
Информациите за ненадејната новогодишна одлука за укинување на данокот дојдоа од двајца локални трговци со алкохол поврзани со државата и очигледно се засноваат на декрет на владејачкото семејство во тој дел на Обединетите Арапски Емирати, пренесува АП.
Оваа мерка уследи по неколкугодишното олабавување на прописите за продажба на алкохол во Дубаи, каде алкохолот сега се продава и во текот на месецот Рамазан, а услугата за достава до дома беше воведена веднаш по прогласувањето карантин на почетокот на пандемијата на коронавирус.