Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека не е сигурен дали Украина ќе успее да ја врати контролата врз полуостровот Крим кој е анектиран од Русија, но верува дека може да ги врати Доњецк и Луганск.
Во интервјуто за Јутјуб каналот „Канал Зеро“, Дуда ја повтори својата поддршка за Украина и ставот дека Киев мора да ја врати контролата врз целата нејзина територија за да ја одврати Москва од натамошна агресија, но на прашањето дали верува дека Украина навистина ќе може повторно да го преземе Крим, рекол дека е тешко да одговори.
„Не знам дали (Украина) ќе го врати Крим, но верувам дека ќе ги вратат Доњецк и Луганск“, кажал Дуда, пренесува Ројтерс.
Полскиот претседател истакнал дека Крим историски долго време бил во рацете на Русија.
Изјавите на Дуда биле критикувани од претставници на владејачката проевропска коалиција во Полска.
„Би сакал да го потсетам Дуда дека кај нас има градови кои во текот на историјата и припаѓале на Полска пократко отколку на која било друга земја“, напишал Роман Гиртих на социјалната мрежа Х, кој е дел од најголемата партија во владата, Граѓанска коалиција.
На изјавите на Дуда реагирал и украинскиот амбасадор во Полска, Васил Зварич, кој на Х напишал дека Крим е дел од Украина и ќе остане.
Зварич навел дека ослободувањето на Крим од Русија е „заедничка задача на Украина и слободниот свет“.