Дуда: На повидок прелиминарен договор за буџетот на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska
379 прегледи

Полскиот претседател Анджеј Дуда во Прага изјави дека „прелиминарниот договор“ за буџетот на Европската унија (ЕУ) е неминовен откако Варшава и Будимпешта претходно го блокираа усвојувањето на нацрт-буџетот, бидејќи тој беше поврзан со механизам за владеење на правото.

„На повидок е прелиминарен договор“, рече Дуда на заедничката конференција со чешкиот колега Милош Земан.

Варшава и Будимпешта го блокираат усвојувањето на седумгодишниот буџет на ЕУ од 1.074,3 милијарди евра и пакетот за закрепнување на економијата од 750 милијарди евра, бидејќи тие се спротивставуваат на воспоставување механизам што предвидува негирање средства за членките на Унијата, чии влади ги нарушуваат демократските стандарди

Со години Брисел ги обвинува Полска и Унгарија за уривање на овие стандарди и владеење на правото.

„Разговорите се во тек и договорот е резултат на големите напори на полската и унгарската страна, но и на Германија, која е претседавач на ЕУ“, рече Дуда.

Според европски извор во Брисел, денес пред самитот, ЕУ ја разгледала декларацијата за поврзување на буџетот и механизмот за почитување на владеењето на правото, кој има за цел да ги убеди Унгарија и Полска да ја укинат блокадата.

Во отсуство на повлекување или промена на механизмот за владеење на правото, на кој силно се спротивставуваат многу земји од ЕУ, Будимпешта и Варшава се подготвени да бидат задоволни со одлуката (декларацијата) со која се разјаснуваат процедурите на тој механизам, изјави неименуван извор од ЕУ за АФП.

Европската комисија претходно објави дека во случај Унгарија и Полска да останат на својата позиција, ќе работат на алтернативни опции што ќе овозможат план за закрепнување без согласност на тие две земји.

Слични содржини