Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение место учебници, ќе добијат шарено подврзани скрипти или материјали за учење, како што ги нарекува министерот Шаќири, во обид да го прикрие фактот дека ресорот со кој управува не успеа да обезбеди учебници, откако претходно не стигна да обезбеди ниту свидетелства на крајот од наставната 2021/22 година, обвинија попладнево од Левица.
Според Левица, причините за немањето учебници се поради ресорното министерство раководено од ДУИ да ги менаџира потребите на корисниците.
Опозициската партија прашува „дали причината за ненавременото изготвување на учебниците се крие во традиционалниот партнер на државните институции управувани од кадри на ДУИ, издавачка куќа и печатница „АРБЕРИА ДЕСИГН” од Тетово?“.
-Споменатата фирма до 2016 година била регистрирана за производство на плочи, листови, цевки и пластични маси, за тогаш да се преориентира во печатница, а од 2018 година дејноста ја проширува и со печатење книги. Бизнис кој ѝ донесува приходи од милиони евра, од кои над 90% од договори со државни и јавни институции, најчесто раководени од кадри на ДУИ, стои во соопштението на партијата.