На Северна Македонија не и е лесно во Европа, па ни со Европската Унија. Најпрво соседна Грција го спречи почетокот на преговорите за прием во ЕУ. По спорот кој траеше повеќе од две и пол децении, Скопје се согласи да го смени претходното име на државата. Ова му го отвори патот за влез во НАТО, па Северна Македонија стана членка во 2020 година.
Но, Бугарија долго време го кочи приближувањето на земјата кон ЕУ. Таа сака да изнуди промени во толкувањето на националната историја од Северна Македонија според волјата на Софија. Дополнително, Бугарија тврди дека македонскиот не е самостоен јазик, туку само западно-бугарски дијалект. И, конечно, се бара бугарското малцинство, кое брои само 3.000 членови, да биде вклучено во Уставот на Северна Македонија како „државотворна нација“. Истовремено, во Бугарија се негира постоењето на македонското национално малцинство, пишува Томас Брај во својата анализа за Дојче Веле (ДВ).
И покрај охрабрувачките говори и празните ветувања на западните политичари, Северна Македонија сè уште е играчка на меѓународната политика. А во исто време и земјата кандидат за членство во ЕУ која најдолго чека на почеток на преговорите. Сепак, т.н Пристапната конференција во јули 2022 година го означи формалниот почеток на преговорите, но поради бугарската блокада сè уште не е вистински преговори во чии рамки би се отвориле поединечни поглавја.
Промена на Уставот
Во август 2023 година, македонскиот парламент со денови расправаше за барањето на Бугарија експлицитно да се спомене бугарското малцинство во Уставот. Со оглед на тоа дека опозицијата е против, се уште не е постигнато потребното двотретинско мнозинство за таа одлука. Опозицијата тврди дека не се работи само за Уставот, туку и за создавање на нови училишни учебници, како и за доведување во прашање на сопствениот јазик, нација, идентитет и историја. Бугарија на овој или оној начин сака да доминира во Северна Македонија, вели опозицијата. Затоа се одложи одлуката за промена на Уставот.
Лидерот на опозицијата и прв човек на национално-конзервативната партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сега оди чекор понатаму и вели: „Не може да има диктирани промени на Уставот.“ Во интервју за белградскиот весник „Политика“. Во понеделникот (28.08.) тој исто така истакнува: „Сега изборите се единствената преостаната опција.“ Според него, гласачите треба да одлучат за промена на Уставот.
Но, власта теоретски може да го одложи гласањето во парламентот користејќи го деловникот до крајот на редовниот мандат до летото 2024 година. Можеби власта се надева дека дотогаш ќе освои осум пратеници од опозицијата што и недостигаат за двотретинско мнозинство. Останува тајна што би добиле пратениците во замена за нивниот глас, стои во анализата за ситуацијата во земјава.
Секој што може си заминува
Оваа политичка неизвесност во земјата го блокира усвојувањето на важни реформи и резултира со разочарување и фрустрација кај мнозинството од населението. Според локален дневен весник, промената на Уставот во корист на бугарското малцинство не е најважното прашање: „Прв национален интерес е земја со силна економија, со помалку корупција, добро здравство, образование и добро владеење на правото.“ Но, наместо да се занимаваат со тоа, владејачките и опозициските партии меѓусебно се обвинуваат за уништување на земјата преку корупција, цензура на медиумите и контрола на судството.
Чувството на целосна стагнација и голема беспомошност се прошири кај граѓаните на Северна Македонија. Мнозинството сè уште само со длабок презир зборува за домашната политика. Дополнително, речиси никој веќе нема добро мислење за Европската Унија, ниту пак очекува нешто позитивно од Брисел. Оние кои можат, бараат работа во странство. Иселувањето од Северна Македонија е огромно, бројот на жители е намален за десет проценти во последните години и падна на 1,8 милиони.
Нема решение на повидок
Зошто добар дел од партиите во Бугарија се фокусираа на малата соседна земја? Очигледно, причината е кревката политичка ситуација во самата Бугарија, каде за само две години се одржаа не повеќе од пет парламентарни избори. По последните во април 2023 година, ниту сегашната владејачка коалиција не е стабилна. Се состои од две партии кои се всушност сосема спротивни: конзервативната ГЕРБ (Граѓаните за европски развој на Бугарија) на поранешниот премиер Бојко Борисов, кој се смета за одговорен за бројни корупциски скандали, и либералната реформска и антикорупциска алијанса ПП.
Формирањето влада беше овозможено само со поделбата на власта: прво, премиерот на одреден период го именува едната партија, а потоа следи премиерот од другата партија. Со толку голема политичка нестабилност, повеќето политичари сметаат дека е корисно да имаат заедничка национална тема во форма на Северна Македонија. Веќе имаше преседан: кога поранешниот премиер Кирил Петков од партијата ПП сакаше да направи отстапки за Северна Македонија пред година и пол, беше спречен од други партии, како и од претседателот на државата Румен Радев.
И додека мнозинството странски адвокати и историчари застанаа на страната на Северна Македонија, Европската Унија сака да ја принуди таа земја да го промени Уставот во согласност со желбите на нејзината членка Бугарија. Американскиот специјален пратеник за Балканот Габриел Ескобар при посетата на Скопје повторно истакна дека Бугарија нема да има други барања по промената на Уставот. Тоа, како што рече, му го гарантирала бугарската министерка за надворешни работи и иден премиер Марија Габриел.
Сепак, не е на повидок итно решение за блокадата. Дури и да се решат внатрешно-политичките спорови околу измените на Уставот во самата Северна Македонија, не е сигурно дали и неодговорниот сосед Бугарија ќе попушти. И тоа не само што ќе ја турне Северна Македонија во уште подлабока криза, туку ќе го уништи и малиот кредибилитет што Европската унија сè уште го има во регионот. Последица може да бидат нови тензии во тој дел од Европа.