Германската медиумска куќа Дојче веле (ДВ) објави дека Талибанците застрелале и убиле еден од членовите на семејството на нејзин новинар во Авганистан и тешко раниле друг член на семејството. Медиумот објави дека Талибанците извршиле претрес во домот на новинарот и го барале во западниот дел на Авганистан, додавајќи дека некои членови на семејството успеале да избегаат.
Медиумската куќа додаде дека новинарот, чие име не се открива, веќе бил префрлен во Германија. ДВ не даде детали за убиениот и повредениот член на неговото семејство, ниту пак наведе каде и кога тоа се случило.
Директорот на ДВ, Петер Лимбург, остро го осуди убиството, додавајќи дека тоа е доказ за непосредната опасност на вработените и нивните семејства во Авганистан.
„Талибанците очигледно спроведуваат организирана потрага по новинари во Кабул и провинциите“, рече тој, додавајќи дека Талибанците ги претресле домовите на уште тројца новинари на ДВ во последните денови.